Општина Прилеп во изминатиот период посвети големо внимание на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст со отварање на нови објекти наменети за детски градинки или реконструкција и адаптација на постојни објекти, со што значително се зголеми капацитетот, а со тоа и опфатот на деца од 0-6 години.
Досега капацитетите на градинките во Општина Прилеп се проширени за над 200 места.
Реновиран е дел од објектот во градинката во населбата Бончејца. За реализирање на овој проект инвестирани се 7.200.000 денари, а направено е и опремување на реконструираниот дел во износ од 600.000 ден., средства од локалната самоуправа и ЈОУДГ „Наша иднина“. Значи ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп од почетокот на учебната 2013/14 година го зголеми својот капацитет со отворање на 5 нови групи. Три од тие групи се во реновираниот дел на објектот во населбата „Бончејца“, а во објектите на градинките „Гоце Делчев“ и „Тризла“ се отвори по уште една нова група за прием на деца.
Се преадаптираше просторот и се згрижија 60-тина деца од предучилишна возраст во објектот од Работничкиот Универзитет „Пере Тошев“, каде Општината за адаптација на просторот и за инвентарот вложи 1,5 милиони денари средства од буџетот на локалната самоуправа.
Во општина Прилеп само во последните три години отворени се градинки и во руралните места : Тополчани, Беровци, Канатларци и последно во Големо Коњари. Во зависност од периодот во текот на годината нив ги посетуваат над 70-тина деца.
Имено во населеното место Тополчани отворена е градинка за која се издвоени 1.200.000 ден. од Министерство за труд и социјална политика (реконструкција и опремување на просторот) и дополнителни 100.000 ден. за реконструкција на санитарниот дел, средства обезбедени од Општина Прилеп. Новата градинка во населеното место Беровци ја чинеше Општината 1,5 милион денари за инвентарот и градежните работи. Градинки добија и населеното место Канатларци како и Големо Коњари, каде во ова населено место за изградба на градинката се инвестираа 600.000 ден.
Со цел понатамошно унапредување, подобрување и зачувување на здравјето и поттикнување на интелектуалниот, емоционалниот, физичкиот, менталниот и социјалниот развој на децата до 6 годишна возраст, планирано е и понатаму да се инвестира во изградба на детски градинки и адаптација и реконструкција на постоечки објекти во детските градинки во градот и во населените места.
Во меѓувреме интензивно се работи на преадаптација на простор за градинка во ООУ „Рампо Левката“ во Прилеп, инвестиција која ќе чини 3 милиони денари. Капацитетот ќе биде за околу 100 дечиња и се очекува таа да биде отворена во септември. Градинката ќе ги опфати децата кои живеат во населбите „Корзо“, „Чачорица“ и „Тапани“.
Во иднина се планира да се отворат градинки од голем обем во населбите „Точила“ и „Рид“.
Детските градинки добија донација од четири професионални фрижидери од Германската амбасада, нова печињара во централната кујна, клима уреди, јорганчиња за сите деца, а преку набавка и донации се зголемува фондот на играчки, едукативни и дидактички материјали за децата, столчиња, масички, креветчиња, јоги и душеци.
Преку реализација на хуманитарни акции од Советот на родители се обезбедија и средства за реновирање на подовите (стружење и лакирање на паркетот), во објектите во населбите „Вишне“, „Гоце Делчев“ и „Бончејца“. Досега, извршено е реновирање на санитарни чворови и тоа: во објектот „Бончејца“, во објектот во населбата Тризла, во едно крило во објектот „Гоце Делчев“ и 2 тоалети во објектот „Вишне“.
Во состав на ЈОУДГ „Наша иднина“ работи и објект во Општина Кривогаштани со капацитет за згрижување на 50 деца.