“За жал згаснува уште една традиција! Нема домаќин од бизнис секторот за следната година!?”

Прилеп денеска по 12-ти пат го одбележа својот патрон празник „Свети Никола“.

Одбележувањето на празникот започна изутринава во 8.00 часот со Света божествена литургија во црквата „Свето Благовештение“ со која чиноначалствуваше Митрополитот преспанско-пелагониски г.Петар.

Оваа година домаќин од бизнис секторот беа сопствениците од хотелот Салида.

Посната трпеза со вкусни прилепски сармички, грав, риба, залеано со вино и ракија, одново го красеше централното градско подрачје.

Традицијата на празнување во централното градско подрачје ја започна доскорешниот градоначалник Марјан Ристески, кој заедно со локалната самоуправа направија бренд од оваа манифестација.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.

Централната манифестација на одбележување на празникот досега ја приредија повеќе компании од бизнис секторот.

Како што дознаваме, на крајот од денешната молитва во центарот на градот, немало интерес од никој стопанственик од бизнис секторот да биде домаќин догодина, па за да се покрие срамот се пријавил актуелниот градоначалник Илија Јованоски?

Годинешните домаќини на сите граѓани им го честитаа денешниот христијански празник и им посакаа здравје, среќа и бериќет.

Митрополитот преспанско-пелагониски, владиката Петар истакна дека Прилеп во Македонија е град којшто најторжествено го прославува празникот на својот заштитник, свети Никола.

„Ова огромно присуство на верниците е потврда за тоа што го зборувам. Исто така порачувам дека треба не само да го споменуваме свети Никола и да му благодариме кога ни е сè добро, туку и кога ќе имаме и маки и потешкотии да му се обраќаме за да нè заштити од сите тие нешта. Треба вистински да го славиме свети Никола, не со прејадување, опивање, недолично однесување, туку со разговори за неговиот живот и да направиме едно резиме, колку свети Никола го поддржуваме во неговиот живот со нашиот живот. Ја користам и оваа прилика да им го честитам домаќинството на сегашниот домаќин и идниот домаќин градоначалниот на Прилеп, односно неговото семесјтво“, изјави владиката Петар.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.