Започна 4-тиот по ред велосипедски настан „Тура преку Слива“ (ФОТО)

Во Прилеп започна 4-тиот по ред велосипедски настан „Тура преку Слива“. Организатор е здружението „Велосипед 2015“ со поддршка на Општина Прилеп. На манифестацијата учествуваат околу 150 учесници од повеќе градови на Македонија.

„Оваа година „Тура преку Слива“ се одржува по 4-ти пат имаме учесници од цела Македонија. Преку превојот Слива се упатуваме кон Пелагонија и се враќаме повторно во Прилеп. Константно е во подем планинскиот велосипедизам, се повеќе учесници се решаваат на алтернативен начин на спорт , Прилеп важи за еден од поголемите центри за развој на овој вид на туризам“, истакна Душко Димкоски, организатор на манифестацијата.

„Ова ми е втора година како што учествувам на турата, досега се е супер, немам зебелешки планирам и другите години да доаѓаме тука. Стазата е интересна, променлив терен, асфалт, земја, живописен предел/ Пелагонија е специфичен како крај. Во последните неколку години велосипедизмот е во подем бидејќи се појавија вакви здруженија во скоро сите градови кои го промовираат овој спорт“, кажа Спире Лазаров, учесник од Скопје.

Учесниците ќе имаат можност да посетат и повеќе знаменитости меѓу кои : Макетата на црквата во с. Штавица изградена за потребите на филмот „Пред дождот“ на М. Манчевски, праисториското светилиште „Палатица“ како и видиковецот „Св.Петка“ над с. Штавица , потоа летниковецот „Слива“ и Кралската гробница на археолошкиот локалитет „Старо Бонче“ кај месноста Павла Чука. Попатно пак ќе има два освежителни пункта за учесниците, првиот на летниковецот „Слива“, а вториот кај Кралската гробница.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.