Започна санација на стариот пат Прилеп – Велес

Јавното претпријатие за државни патишта во соработка со „Македонија пат“ и концесионерите на рудниците за мермер, кои гравитираат над вештачкото езеро во Прилеп, деновиве започнаа со санација на стариот пат за Велес кој води преку преминот Дервен. Ќе бидат санирани најкритичните точки на овој пат во должина од околу 15 км.

_MG_1421

„Деновиве интензивно се работи на санација на дел од патниот правец Р1312 или Прилеп планински превој Дервен кој води за Велес. Патот од последните обилни врнежи на дожд беше непрооден и неопходно беше итно да се интервенира. Со една добра организација на Јавното претпријатие за државни патишта, „Македонија пат“ и концесионерите на рудниците на мермер за неколку дена планираме да ги санираме канавките, дупките на коловозот и делот каде што патот е однесен од дождовите“, истакна Гоце Стефановски, раководител на „Македонија пат“.

_MG_1443

Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека овој регионален патен правец е еден од најексплоатираните во Општина Прилеп бидејќи тука се наоѓаат неколку рудници за мермер, голем број викенд куќи, како и манастири.

_MG_1425

„Голема благодарност до Јавното претпријатие за државни патишта, но и до сите концесионери на рудниците кои се наоѓаат во близина на овој пат. Патот ќе биде комплетно саниран во должина од околу 15 км., а со тоа ќе се подобри пристапот и до еден од најубавите манастири во овој регион манастирот Св. Ѓорѓија. Соработката со концесионерите е секогаш на највисоко ниво во интерес на реализација за санација и реконструкција на патната инфраструктура и други манифестации кои се одвиваат во градот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_1451

Се очекува овие зафати да бидат завршени за неколку денови.

_MG_1351




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.