Започна одбројувањето за најголемата забава во Македонија – “Пиво фест 2017”

_MG_2722

Од 13 до 16 јули, по 15-ти јубилеен пат, во Прилеп ќе се одржи најголемиот и најатрактивен фестивал на овие простори Пиво фест 2017. Фестивалот кој стана еден од најголемите македонски брендови и вистински спектакл годинава ќе има богата музичка програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите генерации. Во четвртокот на 13 јули фестивалот ќе го отвори македонската група Eye Que, забавата потоа ќе продолжи со култната група Психомодо Поп, а првата вечер ќе ја затвори Амадеус бенд. Петокот е резервиран за Don Minott & Conquering Lion, Нокаут и Ален Исламовиќ. Во саботата публиката ќе ја забавуваат Елена Велеска, Анабела и Харис Џиновиќ. На последната вечер од фестивалот ќе настапат Тајфата со Димитар Андоноски, Џамбо Агушев и ѕвездата на овогодинешниот фестивал Северина. Секоја година заинтересираноста како на публиката така и на угостителите кои земаат учество во овој настан е голема.

_MG_2620

„Иако имавме малку време за да се подготвиме за ова 15-то издание на Фестивалот нема да изостанеме со ништо. Фестивалот ќе има безброј изненадувања, новитети, прекрасна музичка програма и одлична незаборавна забава. Имаме пријавено околу 25 штандови, кои ќе се простираат на површина од околу 5.000 м2. Имаме учесници кои учествуваат и за прв пат. Пред се би сакала да ги поздравам Скопска и Прилепска пивара кои се наши генерални спонзори, потоа Кожувчанка и сите дистрибутери и угостители. На овој фестивал освен споменатите пивари ќе има и пива кои за прв пат ќе бидат претставени пред нашата публика. Ќе имаме белгиско, ирско, англиско, германско, грчко и сараевско пиво. Најголемата ексклузива можеби ќе биде тоа што освен застапеноста на пива со стандарден процент на алкохол ќе имаме и пива со повисок процент, како пива со 7, 8 и пива со 9 проценти на алкохол“, истакна Талија Петреска, ЦГИ – организатори на Фестивалот.

_MG_2613

Генералните спонзори на фестивалот Скопска и Прилепска пивара истакнаа дека очекуваат одлична забава и многу публика која ќе ги проследи настапите на музичките ѕвезди во предвидените 4 дена на Фестивалот.

_MG_2735

„Единствениот јазик на кој може да се разберете каде и да сте е пивото. Пивото ги поврзува народите и цивилизациите така што токму тоа ќе се случува за овој Пиво фест и тоа ќе биде нашата мисија, на сите наши конзументи да им понудиме нови вкусови и пива. Тоа на нашиот штанд ќе биде Лашко. Верувам дека ова е една од тие одлични прилики во која луѓето ќе уживаат во доброто пиво и храна. Има мешана музичка програма така што мислам дека забавата и овој пат ќе биде загарантирана“, кажа Катерина Хаџи Ангелеска Начевска, претставник на Скопска пивара.

 

„Веќе 15-та година по ред Прилеп ужива во вкусовите на различните пива кои што ги нудат пиварниците за овој Фестивал. Прилепска пиварница и оваа година е дел од овој настан кој е обележје за Прилеп. Организаторот и годинава се потруди да обезбеди богата музичка програма иако имаше доста кратко време за организација. Прилепска пиварница и годинава ќе понуди доста уживање и изненадувања. Ве покануваме на нашиот штанд да го видите новото руво на нашиот јунак, нашето Крали Марко, по кое што градот е познат. Да уживаме во овие 4 фестивалски денови и да го прославиме вкусот на пивото и вкусот на магијата на Пиво фестот“, рече Искра Конеска, претставник од Прилепска пиварница.

19452945_1422659067822487_7085446220689012824_o

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги покани сите љубители на пивото и добрата забава од Македонија и поширокиот регион да дојдат на 15-тото јубилејно издание на Пиво фестот и искажа голема благодарност до организаторите кои секоја година се партнери заедно со локалната самоуправа, а тоа се двете најголеми наши пивари Прилепска пиварница и Скопска пивара и секако Центарот за граѓанска иницијатива. Ристески се заблагодари и до спонзорите, бизнис секторот кои го поддржуваат Фестивалот и до сите штандови кои ќе бидат присутни тука.

19553926_1422659071155820_6343601074220920818_n

„Овој фестивал не само што е јубилеен туку е и рекорно организиран за само неколку недели. Иако малку сите бевме скептици каков ќе биде интересот за штандови, каква програма ќе понудиме, меѓутоа склопивме на крај еден одличен пакет и самиот интерес за штанд повеќе кажува за тоа дека сме направиле добар фестивал. Ќе има музика за сите генерации од 7 до 77 за да може секој да се пронајде во репертоарот. Работното време на сите угостителски објекти ќе биде продолжено до 3 часот наутро и секој од овие угостителски објекти после официјалната програма си има организирано своја програма до раните утрински часови. Посебно интересно ќе биде во новиот Аква парк – Салида кој ќе биде интересно освежување и секако една од најголемите дискотеки во Македонија клубот Калипсо. Како и секоја година ќе имаме организирано бесплатен кампинг на Паркот на револуцијата. Како добри домаќини се грижиме сите кампери кои доаѓаат од целиот свет во утринските часови да бидат послужени со бесплатна чорба, кафе и чај. Паркинзите и режимот на сообраќај ќе бидат максимално регулирани, нема да има никаков проблем во однос на паркирање на возилата. Тие ќе бидат пречекувани на влезовите од градот и ќе бидат навигациски упатувани таму каде што има слободно место за паркирање. Имаме обезбедено 25.000 паркинг места што е доволно за оваа манифестација. Целата безбедност на Фестивалот ќе биде на највисоко ниво“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_2729

Во Прилеп сите хотелски капацитети, како и приватното сместување се скоро резервирани. Организаторите на фестивалот ги покануваат сите оние кои сакаат да присуствуваат тука за овие фестивалски денови да си резервираат сместување во најбрз можен рок. Како и секоја година упатено е барање за бесплатен превоз до МЖ, за возовите кои ќе сообраќаат на релација Скопје – Прилеп. А има и најава од туристички агенции за организиран превоз на посетители од соседните држави.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.