Oд општинската организација на СДСМ-Прилеп денеска преку прес-конференција ја обвинија општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески за негрижа околу развојот на спортот и инвестирање во спортски објекти, иако во Прилеп во изминатите години се изградија многу спортски објекти, игралишта и се поставија други спортски содржини. На ова со жесток одговор одговорија од општина Прилеп, потенцирајќи дека утре, 16 јуни, ќе започне да се работи на градскиот стадион “Гоце Делчев”
“Почитувани претставници од СДСМ,
Одбравте одличен ден за прес за градскиот стадион, со намера невешто да ширите невистини и неуспешно политички да поентирате. Добро е што сте тука денес, бидејќи силно ќе го демантираме вашиот претенциозен настап и вашата неинформираност.
Како што претходно ја информиравме јавноста да ве информираме и вас дека од утре, 16 Јуни, се започнува со работа на делот на осветлувањето на фудбалскиот терен и поставувањето на комплетно нов дренажен систем, а согласно динамиката на работа веќе во месец Јули започнува и целосната реконструкција на северната трибина, поставување на нови столчиња и нејзиното целосно покривање.
Сте се потрудиле хронолошки да подредите како се движат работите со проектот но пропуштивте да споменете дека најпрвин се работеше на средување на имотно правната состојба, легализација на објектите а да напоменеме дека го затекнавме стадионот како комплетна дивоградба за да после изработката на проектот сега продолжиме со градежни активности до целосна реконструкција на стадионот. Рушевината за која зборувате беше комплетна дивоградба оставена во тотална негрижа. Добра ви е поентата дека времето ќе покаже па искрено се надеваме и дека ќе одржите прес на денот на пуштањето во употреба на реновираниот спортски стадион во кој ќе честитате за успешно завршената работа.
Упорното инсистирање да направите фама во јавноста дека проектот ќе биде неуспешен повторно ви се удира од глава. Единствено успевате да дадете поголем публицитет на нашите проекти кои сме ги ветиле и кои ги остваруваме.
Кога сме тука да ве потсетиме дека во градот се изгради и фудбалски терен со вештачка трева во Типската населба, дека се изгради а привремено и стави во употреба за ФК Победа теренот на паркот Могила. Се изгради фудбалски стадион во населено место Тополчани а најавивме и дека ќе се изгради и тренинг комплекс во Металец и фудбалски терени во населено место Канатларци.
Треба ли да ве потсетиме а сигурни сме дека знаете колку се вложи во спортската инфраструктура во Прилеп изминатите 10 години?
Во овој прес не можеме да видиме загриженост од ваша страна за локалните проблеми бидејќи никогаш и ја немало. Единствено можеме да видиме обид за дефокусирање на јавноста од обврските од кои бегате а ги ветивте на последните парламентарни избори. Ве прашуваме: Што се случува со 30.000 денари просечна плата? Кога пензионерите ќе добијат повисоки пензии? Што се случи со најавените субвенции? Го подобривте ли во меѓувреме животот на младите од Прилеп или дали барем се обидовте? Наместо одговори сигурни сме дека ќе добиеме повторно нов невешт обид за дефокусирање на јавноста.
А ние, Општина Прилеп, продолжуваме да вложуваме во спортот, во подобриот живот на младите и во подобриот живот на сите граѓани во општината”, истакна Александар Јованоски од општина Прилеп.