Во Прилеп денеска се одржа државното првенство во тенис помеѓу основните училишта. Се играше не терените на тениските клубови „Топ спин“ и „Прилеп“. Организатор на првенството е Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Сојузот на училишни спортови од Прилеп и Општина Прилеп.
„Имаме гости од Скопје, Битола, Ранковце, Штип, Прилеп и други градови. Учесниците се поделени во две категории, машка и женска категорија за 6-то и 7-мо одделение и машка и женска категорија за 8-мо и 9-то одделение. Победниците во сите овие категории ќе бидат наградени со пехари и дипломи од Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а најдобрите двајца одат на камповите во Охрид кои секоја година ги организира Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт“, рече Здравко Ристески, претседател на Сојуз на училишни спортови на Општина Прилеп.
Првенството за отворено го прогласи градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој рече дека локалната самоуправа и во иднина со несмалено темпо ќе продолжи да ги поддржува сите спортски манифестации во градот.
„Локалната самоуправа и понатаму ќе го поддржува тенисот и другите спортови на ниво на Општина, а дел од таа програма е и ова државно првенство во тенис. Се надевам дека тука има доста млади таленти кои во блиска иднина ќе може да ги видиме на оние светски натпревари во овој спорт. Да напоменам и тоа дека локалната самоуправа заедно со Агенцијата за млади и спорт и Владата на РМ инвестираше доста во спортска инфраструктура во градот, а особено во тениски терени. Така што се отворија тениски терени во ООУ „Гоце Делчев“, гимназијата „Мирче Ацев“, а тениски терени ќе се градат и во спортскиот комплекс кој кон крајот на оваа или почетокот на идната година ќе никне позади ООУ „Рампо Левката“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.