Денес во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беа доделени околу 100 нови решенија за легализирање на бесправно изградените објекти.
„До овој момент во Прилеп легализирани се над 9.000 дивоградби, со што овој град и понатаму продолжува да го носи епитетот лидер во легализацијата на ниво на Македонија, посочи градоначалникот Марјан Ристески во изјава за медиумите.
Со легализацијата опфатени се барањата на граѓаните поднесени во 2011 година како и дел од барањата кои се однесуваат на 2016 година од продолжениот рок. Во 2011 година беа поднесени 15.367 барања за легализација, а во 2016 година 3.077 барања.
Реализацијата на проектот во 2016 година во Општина Прилеп беше над 60 проценти кога во декември истече крајниот рок за поднесување на елаборатите за барањата поднесени во 2011 година, како едни од најглавните документи за решавањето на овие предмети. Краен рок пак за поднесувањето на елаборатите за барањата поднесени во 2016 година е крајот на оваа година.