Со централна свеченост во прилепската касарна, денеска беше прославен Денот на Армијата на Република Македонија. Градоначалникот Ристески го честита 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија и посака многу успех и лична безбедност во извршувањето на секојдневните обврски и задолженија на припадниците на АРМ.
„Традиционално сме овде за овој ден да им го честитаме празникот на Армијата на РМ. Локалната самоуправа и гарнизонот овие години изградија голема соработка. Припадниците на АРМ помагаа и учествуваа во голем број активности, излегувајќи во пресрет на потребите на граѓаните за време на пожарите, поплавите, а исто така и во голем број на хуманитарни акции“, посочи градоначалникот Марјан Ристески во својата изјава.
Единицата го претстави вооружувањето и опремата со кои располага, а поединци беа унапредени, одликувани и наградени за својот посебен ангажман во единицата. 18 Август е прогласен за Ден на АРМ со одлука на Владата на Република Македонија од 3 јуни 1993 година и првпат е одбележан таа година.