Вгнезден по грамадните карпи, под Марковите кули, пркоси на времето, но е и сведок за духовното и културното живеење на овие простори. Ете тоа е манастирот “Св. Архангел Михаил”. Верски објект кој е постојано посетуван од бројни странски делегации, но и македонски добронамерници и патници.
Често се доаѓа тука, без оглед дали е празник или пак обичен ден. Туристите да ги видат неговите убавини, прилепчани или варошани да запалат свеќа, да се помолат за здравје. Монахињите кои живеат тука љубезно ги дочекуваат посетителите. Велат дека монаштвото е благословен начин на живот во православната црква, а дека епископот Климент духовно се грижи за монашката заедница.
Окако посетителите ќе запалат свеќа, ќе се помолат и доколку посакаат монахињите ќе им ја раскажат историјата на манастирот.
Секој посетител има можност да дознае дека денешната црква е дел од манастирскиот комплекс. Низ годините доживувала многу преправки, доградби, почнуваќи од 11 век па се до 1861 година. Најстарите податоци за постоењето на црквата датираат од 11 век. За тоа говорат и фреските на Свети Архангел Михаил и на фигурата на неидентификуваниот светец, сочувани на големите карпи. За постоењето на ова духовно светилиште во 12 век делумно сведочат сочуваниот вид на север и фрескоживописот, со видливи елементи на кралски портрети и фрагменти на ликови од светци. Кон некогашната црква била доградена и “западната црква” во која има сочувани фрески од 13 век. Еден век подоцна, во 14 била зографисана “источната црква”. За ова сведочат фреските од олтарниот простор и портретите на Волкашин и на Крал Марко лево и десно од влезот на самата црква. Во 16 век дошло до обнова на источниот дел од црквата, а во 1861 година овој божји храм е обновен со поставување на свод, изградба на отворен трем и на камбанарија. Кога завршила обновата на црквата се изградило и западното крило на манастирските конаци. Денеска оваа извонредна црква има форма на еднокорабна градба со нагласен источен и западен дел. Остатоците од фрески кои датираат од 11 и 12 век фасцинираат и говорат дека сме имале навистина извонредни зографи, вистински мајстори.
Фреските “Христос пред Пилат”, “Патот на голготата”, “ Симнувањето на крстот” и монументалната фигура на Архангел Михаил предизвикуваат восхит. Но посетителите на манастирот “Св. Архангел Михаил”, се воодушевуваат не само од неговата убавина, од старата архитектура, богатството на икони и фрески, туку и од импресивната глетка на Пелагонија.
-Воодушевува секое парче од манастирот впиен во сивите карпи под Маркукуле. Ова е невидена панорама на Пелагонија – вели еден посетител, кого случајно го сретнавме при нашата последна посета.
Она што е интересно, а се дознава кога ќе се појде во манастирот е дека на еден од мермерните столбови во тремот пред влезот на црквата се наоѓа сочуван запис на кирилско писмо од 996 година. На записот се споменува смртта на Андреа. Тој е втор по старост словенски запис со кирилски букви откриен во Македонија.
Добронамерникот може да си купи и подароци за спомен. Особено пленат со својата изработка иконите во ореово дрво, работени по преданието со 24 каратно злато, обоени со природни пигменти растопени со жолчка од јајце, кои ги изработуваат монахињите.
И она што секако е врзано за манастирот е исцелителната моќ на водата од кладенецот под манастирскиот конак.
-Чудотворна е водата од богородичниот извор. Мајката Божја за сите се застапува и ја лекува секоја немоќ на нашите души и тела- вели еден верник.
Токму затоа многу луѓе и денес ја почитуваат легендата. Доаѓаат на кладенецот да наполнат вода и да се измијат за здравје, особено кога е празникот на манастирот.
За водата се врзани разни легенди. Една од нив, која ја забележал Марко Цепенков е дека во турско време некое дете се измокрило во отвореното кладенче, по што се вкочанило и ослепело. Молитвите и миењето од водите на изворот му помогнале да се излекува.
Има многу што да се забележува за Св. Архангел Михаил, но потребно е да се дојде, да се посети и да се почувствува убавината. Само така ќе се осети духовноста која произлегува од секој агол.
Фото и текст : Каролина Мицевска