Елена Копаноска од Прилеп е млада девојка која успешно работи како фитнес инструктор веќе 4 години. Нејзиниот изглед и атлетски изградено тело се должи на напорни и долги тренинзи, како и вложување во сопственото здравје. Пожртвуваноста кон своето тело сега ја насочува и кон нејзините клиенти. Вели дека задоволство е да се помогне некому, да се инспирира, да вложува, да живее здраво. Елена одвои дел од своето време и одговори на нашите прашања. Во продолжение прочитајте што се е потребно за здраво и цврсто изградено тело, колку време е потребно и колку желба и пожртвуваност треба да се има за да се постигне сето тоа.
1.Кои се придобивките кои ги нуди фитнесот и бодибилдингот?
И во двата случаеви придобивките се здраво и убаво обликувано тело.
2.Можеш ли накратко да опишеш што правиш, односно која е задачата на еден фитнес инструктор? Воедно, кој ти е најубав дел од твојата работа?
Задачата на фитнес инструкторот е да ве мотивира, упати доколку сте почетник, советува… Вежбањето на своја рака може да доведе до несакани повреди при кревање на големи тежини, неправилно вежбање и воспаление на мускулите. Најубав дел од работата…хммм.. всушност го обожавам секојдневното запознавање на нови луѓе и се разбира чувството е прекрасно кога знаете дека сте му помогнале некому.
3.Колку долго се занимаваш со оваа работа?
Околу четири години, но со секојдневно вежбање стекнувам се повеќе искуство, а редовното едуцирање придонесува за добар напредок.
4.Што беше клучно и те мотивира да започнеш да вложуваш во твоето тело и напорно да работиш да го изградиш тоа што го поседуваш денеска?
Па сите треба да бидеме свесни колку е важно здравјето пред се’, а потоа си доаѓа и убавиот изглед, па токму и тоа ме мотивираше, луѓето со добро изградени тела.
5.Колку исхраната е важна? Колку инсистираш твоите клиенти да се водат според одреден режим на исхрана?
Буквално, ни сме она што јадеме. Здравата исхрана штити, а нездравата е ризик фактор за појава на депресија и слично. Eкспертите со цел да направат превенција препорачуваат ограничување на внесувањето на шеќер и преработена храна. Клучно е да се земаат намирници со повеќе хранливи материи, а со помалку калории.
6.Скапо ли е човек да се храни здраво и колку време пред тренинг е најдобро да се јаде?
Да се храниш здраво е поскапо, бидејќи ќе мора да одвоите повеќе пари за одредени намирници . Сепак, доколку сте снаодливи и паметни, може да се храните здраво за релативно достапен буџет.
7.За почетниците. Колку време е потребно за да ги забележат првите резултати од тренинзите?
Воглавно потребни се 4-8 недели за телото да покажи видливи резултати и да се навикне на вежбите. Но, исто така зависи од тоа колку вежбате и дали доволно вежбате.
8.Колку пати неделно е доволно да се оди во теретана и колкав временски интервал го прави еден тренинг успешен?
Па, четири пати е доволно за да има напредок и видливи резултати. А, временскиот интервал зависи од клиентот која му е целта. Доколку вежба за зголемување на маса, поголема е веројатноста дека ќе прави поголеми паузи. Воглавно час и триесет минути, може секој да одвои.
9.Кои вежби како најкорисни или најефективни би ги одбрала ти ако треба да издвоиш три такви?
Иако ги вежбам сите мускули и ги сакам сите вежби, би ги издвоила чучневите, мртвото кревање и бенчот. Во текот на овие вежби се активираат многу мускули.
10.Дали ти е подобро да работиш во група или со еден клиент?
Реално доколку работам во група имам чувство дека не можам поединечно да им посветам доволно внимание на сите.
11.Што е најубавото нешто поврзано со твојата професија?
Најубавото нешто е што преку изгледот на моето тело и трудот кој го вложувам во себе, успевам да им дадам волја и на другите да почнат да вежбаат и да се грижат за своето тело.
12.Дали имате редовни вежбачи на кои сте горди?
Бројот на вежбачи постојано варира зависно од периодот во година. Многу е мал бројот на сериозни вежбачи кои континуирано ја посетуваат теретаната, но имаме професионалци на кои може да се позавиди на нивната фигура и истрајност. Нередовните сеуште имаат време да започнат да го подготвуваат телото за престојното лето.
13.За крај порака до сите оние кои по кратко време се откажуваат од одење во теретана…
Најдобро е да застанат пред огледало и добро да ги погледнат своите недостатоци и масни наслаги. Да немаат потреба да се кријат под облеката… Затоа ние од Фитнес центар “Професионал” сме тука да помогнеме, а прво да си помогнат самите на себе, да го направат првиот чекор, а потоа вашето тело ќе ви биде благодарно.