Два бисери на едно место: Живописното Љубојно зрачи со љубов преку целата година (ФОТО)

На 28 километри оддалеченост од Ресен во западните пазуви на планината Баба и долниот тек на долината на Брајчинска Река, се наоѓа живописното село Љубојно.

Самото име на селото не е случајно. Љубојно навистина зрачи со љубов по сите негови сокачиња и од сите негови куќи.

Селото се простира на двата брега на Брајчинска река или кај жителите позната како Стара Река, водоносна, брза и бистра и никогаш не пресушува.

На само два километри пак од селото се наоѓа прекрасното Преспанско Езеро.

Основен белег на селото му даваат куќите градени меѓу двете светски војни, со печалбарски пари. Нив посебно ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади и вкусно гелендираните балкони. Двориштата во кои се наоѓаат останатите стопански објекти (тремови, штали, плевни, магацини, гаражи, фурни, бунари, гумна, и сл.) главно се оградени со високи авлии и широки порти. Денес, се обновуваат старите, но се градат и нови современи куќи

Кога ќе зачекорите пак по љубанските улички ќе се почувствувате како да се наоѓате во некоја приказна. Македонската вековна традиција е видлива во секоја тула, на секој ќош.

Некогаш броело и до 1200 жители, а денес тука според последниот попис живеат нешто повеќе над 150 луѓе.

Ова село има долга историја, од овие куќи имаат излезено повеќе дејци, поети, писатели, а во селото и неговата околија се наоѓаат и многу цркви и манастири, како што е главната селска црква „Св. Јован Богослов“, или „Св. Атанасиј“ на еден километар од селото, изградена во 1623 година.

Тука секој поглед ви создава воздишки, а со секој земен здив внесувате живот во градите и добивате чувство на пријатност, топлина и се исполнувате со ведар дух.

Едноставно ова е место кое мора да го посетите и мора да го видете одблиску. Појдете во Љубојно и исполнете се со љубов.

А. Георгиоски

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.