Дали навистина се заштитена “раса”: Видеа кои докажуваат дека фудбалот веќе одамна не е само игра со топка

Eдни ќе речат “ги туркаат”, Кристијано Роналдо ќе го прекрстат во “Пеналдо”, ќе набројат низа ситуации во кои им било дадено ветар во грбот од судиите и можеби, ќе бидат во право. Реал Мадрид со пласманот во полуфиналето на Лигата на шампиони го подели фудбалскиот свет, ги натера сите да застанат на страната на Јувентус.

Тие кои сметаат дека Реал Мадрид е најзаштитениот клуб во светот, се обидуваат да докажат како кралскиот клуб ужива посебен статус во органите на Европската куќа на фудбалот, дека е “посебна врста” и дека му се чисти патот кон Киев, каде би можело одново да го подигне највредниот пехар. Фотографијата која денеска кружи по Интернетот, всушност е монтажа од спорни ситуации од мечевите на Реал во походите кон европската титула. Секогаш во корист на “кралскиот клуб”.

Некој се сетил да потсети и на позицијата од Предраг Мијатовиќ, нешто што се случило исто така против Јувентус – во финалето од Лигата на шампиони во 1998 година. Тогаш Мијатовиќ го постигнал одлучувачкиот погодок и на Реал му го донесол трофејот кој го чекале 32 години. Многумина сметаат дека погодокот е од офсајд, а ќе процените и сами.

Сомнителна ситуација има и од претходните неколку години. На пример, во финалето 2014 година, кое се играше во Лисабон, Серхио Рамос со погодок во 90+ минута, го однесе мечот со Атлетико Мадрид во продолженија (подоцна тимот на Карло Анчелоти славеше со 4:1), но на погодокот од стоперот му претходеше удар со лакт од страна на Герет Бејл во лицето на Хуанфран.

Рамос беше актер и во финалето 2016 година. Водечкиот погодок против истиот ривал беше постигнат од офсајд. Од недозволена позиција беа и погодоците на Кристијано Роналдо во ланското полуфинале против Баер Минхен.

Оваа сезона, на првото скалило од нокаут фазата, многумина сметаа дека контактот од Ло Селсо над Тони Крос беше недоволен за удар од белата точка против Парис Сен Жермен. На истиот меч гостите беа оштетени и со недосуден пенал поради игра со рака од страна на Серхио Рамос.

А потоа и ова со Јувентус: исклучување на Пауло Дибала во Торино, па удар од белата точка и на крајот црвен картон за Буфон во синоќешниот реванш во Мадрид.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.