ДОАЃА ПЕРИОД НА СЛАВИ: Кратка анализа за тоа какви видови на гости можете да видите на една слава

Започна тој период од годината. Периодот на славите. Покрај полната трпеза, на една слава ќе најдете и различни видови на гости. 

Некои се вистински “давежи”, некои се забавни, но сите ни се  драги:

– Коментатор

Неговата улога е да го води разговорот, да променува теми, да ги воведува соговорниците, да дава и да одзема збор. Витински модератор на славата. Тој има мислење за се’, а не е можно некој од учесниците во дебатата да започне друга тема, а да не го слушне неговото: ” Слушај јас да ти кажам”.

Политика- за тоа подобро да не спомнувате, тој е поголем претседател од претседателот и поголем премиер од премиерот.

Фудбал – лесно би можел да биде селектор.

Музика – од Силвана до Нирвана.

Чаршиски муабети- тој ги знае сите но “ќути”.

– Гостин во “гужва”

Овој вид на гости, од првиот момент ви даваат до знаење дека вие сте само попатна станица.

– Среќна слава домаќине, но имаме уште три слави денеска, хаха, само да кажам, на здравје !

Седат како на игли.

– Не можам веќе ни уста да отворам, јадев кај кумот, што да се прави, кумови, а мораме наскоро да станеме! Кафе? Ајде, може едно брзо да испиеме ! Некако ви внесуваат чувство дека сакате цела таа напнатост да прекине,  па на нивното “мора да заминеме”, дури и не кажувате “седете уште”.

– Бројач

Овој гостин пристигнува прв, а си оди последен. Тој ги пребројува сите гости, а некои ги “брка” со првиот муабет.

– Ееее, мора јас прв да дојдам кај моите пријатели! Па ова е еднаш годишно – вели кога ќе пристигне. – Па не мора прв да си одам- вели покасно. Си заминува последен.

– Дегустатор

Тоа се оние ликови кои се сконцентрирани на храната и нејзиното коментирање. Се пробуваат, прашуваат како е направено, па даваат критика, обично позитивна.

– Ова е најдобрата сарма која сум ја пробал. А ова ми е трета слава ! Да видам како сте ја “погодиле” руската салата, хаха… Но, никој не им замерува. Славите се посебни гастрономски настани во Македонија, па единствена навреда за домаќинот е да не јадете.

– Презентер

Тоа се обично тетки и комшивки кои сакаат да ги претставуваат гостите на славата на другите.

– Ова е ќерката на Маре, ја знаеш ? Таа студира во Скопје, лепотица. Потоа се завртуваат кон другата страна на масата.

Ф.Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.