Несреќата која вчера околу 17 часот се случи на магистралниот пат Кичево – Македонски Брод, во која животот го загуби тримесечно бебе, а петмина се тешко повредени, се случила кога возачот на патничко моторно возило марка „голф“ со охридски регистарски таблички што се движел од Македонски Брод кон Кичево, се обидел да претекне влекач со приколка, информира ОЈО, a пренесува порталот Нетпрес.
При претекнувањето, „голфот“ удрило во патничко моторно возило „алфа ромео“ со регистарски таблички од Република Словенија, што доаѓало од спротивниот правец. На лице место од здобиените повреди починало тримесечно бебе. Патниците на двете патнички моторни возила со тешки телесни повреди се пренесени во медицински установи за укажување натамошна помош.
По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево прибрани се траги од лице место. Претстои нивно вештачење, како и сообраќајно техничко вештачење за утврдување на околностите за настанот, велат од ОЈО.