Фудбалерите на Победа вчера попладнето на стадионот на Могила во 9-тиот контролен натпревар во подготвителниот период го совладаа тимот на третолигашот Кит-Го од Пехчево со 2-1, полувреме 1-1. Овој меч воедно беше генерална проба пред стартот на новата сезона и Пелагониското дерби со Пелистер следната недела 13-тти август во Прилеп од 17 часот.
Прилепчани наидоа на посериозен противник од очекувањата. Иако третолигаш, составот од Пехчево пружи многу силен отпор на прволигашот кој демострираше одредени слабости, кои како да се повтороуваат во играта, иако Стручниот штаб постојано укажува на фудбалерите за одредени недоследности во извршување на поставените задачи.
Овој натпревар посебно ќе се памети по убавите голови. Победа поведе преку Маневски во 26-тата минута, кој од 15-тина метри без размислување биеше неодбранливо во самиот горен лев агол од голот на Јамаковски.
Организираната игра на гостите вроди со плод во 35-тата минута, кога Нацев израмни на 1-1, а Димовски во 40-тата минута биеше во пречката по слободниот удар од 20-тина метри.
Во вториот дел двајцата тренери Штерјовски и Сенев извршија повеќе замени а посебно треба да се одбележи евро-голот од волеј од преку 25 метри откосо по левата страна на Илијовски кој значеше победа за неговиот тим.
Победа одигра 9 меча во подготвителниот период во кои билансот е 6 победи, едно реми и 2 порази.