Вљубена во театарот од мали нозе: Интервју со Надица Дојкоска – млад, талентиран актер со светла иднина пред себе

Надица Дојкоска е млад талентиран актер кој е на почеток од својата актерска кариера, но тоа не значи ништо бидејќи нејзиното искуство на театарските штици и до сега е големо. Напорно работи и од ден во ден го унапредува и гради својот театарски талент, а нејзината љубов кон оваа професија се повеќе расти. Со своите 17 години, таа веќе има повеќе од 10 претстави зад себе. Денес ја имаме за наш гостин и разговараме за нејзините желби, потреби како млад актер и планови за во иднина.

BeFunky Collage

Надица кажи ни нешто повеќе за себе…

 Имам 17 години, живеам во Прилеп. Образованието го започнав во О.У. ,,Гоце Делчев”. По завршувањето, моето школување го продолжив во Гимназија ,,Мирче Ацев”. Главно времето го исполнувам со гледање на филмови, цртање, читање, истражување и. т. н., но исто толку ме исполнува и глумата, односно творењето на сцена. Покрај појавувањата во училишните смотри, моето прво појавување како актер аматер беше во 2014 кога ја имав првата премиера на претставата ,,Ангел” која ја изведуваше младинското драмско студио ,,Чин 4 Сцена 5″. Пред да почниме со подготовките за претставата имаше аудиција на која што присуствував, ме примија и така започна ćе, се роди мојата љубов кон сцената, театарот и филмот.

 Кога заплови во актерските води и што е тоа што те освои да  одбереш да се занимаваш со актерство?

 Не знам што е тоа што ми се случи на сцена, но можам да кажам дека е многу посилно од мене.. Најверојатно магијата на театарот е тоа што за миг забораваш на твојата личност и живееш во духот на твојот лик-јунак.

 Наследен ли е актерскиот ген во тебе или го  стекна благодарејќи на напорна работа и учење?

 Дека не е наследен генот во тоа сум сигурна, но исто така мислам дека не е се само работа.. Работата без талентот е ништо и обратно само талент без работа е ништо, така да кога би се споиле овие две состојки би биле одлична комбинација, макар и од едното да има повеќе, а од другото помалку.

20561691_262281897603052_118790715_n

Раскажи  ни подетално како се движи твојата актерска кариера до сега, каде до сега имаш настапувано? (Настапуваш за некое аматерско студио или веќе си имала и професионални ангажмани?

 До сега имам играно во повеќе од 10 претстави и сите процеси што поминале имаат свои специфичности, секој процес ново доживување, ново искуство.. Сите овие процеси се врежани во моите спомени. Работам и со аматери и со дипломирани актери и можам да кажам дека и едното и другото искуство не би ги менувала за ништо на светот. Тоа што го учам од професионалците е прекрасна школа за мене. Мислам дека имам среќа што работам токму со нив и што несебично споделуваат дел од нивните искуства со нас.

 Имаш ли  некоја омилена улога, некој лик што ти бил особено драг за глума или лик кој сакаш да го глумиш во иднина?

 Не би можела да издвојам ниту една улога што сум играла, сите ми се исто важни и драги без разлика на нивната големина..

 Актерите секогаш имаат по некоја интересна анегдота, кои се случуваат при долгите и напорни проби, како и при патувањата. Имаш ли ти некоја анегдота која би ја издвоила за нас?

Хмм ако почнам веројатно ќе трае со денови.. Ние имаме обичај кога ќе се собереме групата да си се присетуваме на сите анегдоти кои се карактеристични за еден процес. И многу се смееме на работите кои ни се случувале како позади кулисите така и на сцената. Се случувале работи од типот на: за време на мрак да истуркаш се од реквизитите, да се мавниш во некој висок предмет, во сериозни моменти да ти иди многу да се изнасмееш, но можам да кажам дека нема минута која сум ја поминала во театар, а да не ми било забавно.. Така да мислам дека сите пред ćе треба да се забавуваат па после се друго.

20614566_262281850936390_1903189527_n

Какви се перспективите на прилепското актерство, има ли Прилеп доволно талентирани млади актери, кои во иднина би ги замениле или би ги надополниле сегашните актери во театарот Војдан Чернодрински”?

 Се разбира дека има, и не само во Прилеп. Мислам дека има доста млади таленти кои сеуште не се докажани. На Прилеп му фалат културни активности каде би се инволвирале младите со она што го имаат во себе.

Каде се гледаш во иднина, дали планираш во овој смер да го темелиш и твоето понатамошно образование и дали имаш твои желби кои би сакала да ги оствариш преку актерската игра?

 Планирам да одам на драмски факултет, затоа што тоа е единствената работа која ме исполнува целосно. Моментално сум во план да одам некаде каде што има просперитет, се разбира ако уметноста тука го задржи своето статус кво.

20526788_262282294269679_221455071_n

 За крај кажи ни кои се предностите на  актерската професија и кои придобивки ги имаат актерите во општеството?

Предноста е тоа што можеш да бидеш инспирација за некого и да смениш многу животи. Сеуште не сум толку искусна да би можела да ги осетам придобивките, но прекрасно е чувството кога луѓето те препознаваат и го оценуваат твојот труд.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.