Во прилеското село Лопатица денеска на големиот христијански празник Духовден се одржаа веќе традиционалните 15-ти по ред „Лопатички средби“. На средбите секоја година, точно на овој ден, се собираат иселените жители од ова село кои ги има од цела Македонија, а дел од нив специјално за оваа манифестација доаѓаат тука и од дијаспората. Писокот на гајдите и грмотот на тапанот кои денеска ечеа на ливадата пред селската црква беа само еден мал потсетник на времето кога селото било полно со луѓе, а низ тесните сокаци се слушал детскиот џагор. Сега во Лопатица за жал живеат само неколку жители.
„Лопатичките средби“ започнале да се одржуваат во 2002 година на иницијатива на неколку жители од селото како начин да се соберат средства за да се реновира селската црква.
„Секоја година се собираме тука на овој ден, се пријавуваат домаќини кои даваат ручек и ја организираат веселбата. Оваа иницијатива ја направивме како начин да собереме средства за да се реновира црквата бидејќи во селото има само уште неколку жители. Ќе продолжиме и понатаму и нема да се прекине оваа традиција. Со собраните средства се реновира црквата и црковната трпезарија. Од Лопатица најмногу жители има иселено во дијаспората, но жал никој од нив не донирал средства за црквата, најмногу даваме ние кои сме тука во Македонија. Оваа прилика ја користам да упатам и еден апел до сите кои можат да донираат средства за да се реновира овој храм кој моментално не е во добра состојба“, кажа Иле Крстески, иницијатор за организирање на „Лопатичките средби“.
„Јас живеам во Прилеп, а родителите ми се сеуште тука. Секоја година еве веќе 15-ти пат доаѓам на овие средби. Непосредно пред оваа манифестација се препокри црквата со парите собрани од овие настани како и со средства од жителите кои донираа кој колку може. Апелирам до сите иселени жители да донираат, а наскоро ќе отвориме и жиро сметка на црквата, со двајца потписници, на која ќе може исто така да се донираат средства“, рече Робе Митрески, иселеник од с. Лопатица.
На овој ден традиционално во црквата, посветена на светителот Свети Никола,
се зарежи славскиот колач и се изврши мал водосвет. Домаќините на славата беа среќни што веќе 15 години се продолжува оваа традиција и барем еден ден во годината повторно се враќа животот во ова село.
„Чувството да се биде домаќин тука е многу убаво. Посакувам Господ на сите да им даде среќа, здравје и љубов. Посакувам исто така ние како православни христијани да им помагаме и да донираме на тие што немаат, кој колку може, за да и на тие луѓе барем малку им го олесниме животот. Јас инаку не сум по потекло од ова село, случајно дојдов тука лани и кога видов дека се распаѓа црквата сакав да помогнам и се пријавив за да бидам домаќин годинава“, истакна Љубе Крстески, домаќин на денешната слава во с. Лопатица.
„Чувството е прекрасно што сме кумови денеска тука. Јас сум родена во ова село, крстена сум во оваа црква, живеев тука и затоа лани сакав да се пријавам и да бидам домаќинка на Духовден. Секоја година доаѓаме на овие средби и многу е убаво. Нема зборови со кои може да се опише чувството кога ќе се вратиш на родното огниште“, вели Севда Трајкоска, домаќин на денешната слава во с. Лопатица.
Денеска на манифестацијата „Лопатички средби“ присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на присутните им го честиташе големиот христијански празник Духовден и им посака многу здравје, среќа и љубов.
„Денеска одбележуваме уште еден голем христијански празник Духовден и кај нас традиционално на овој ден се оди на гробишта да се посетат почивалиштата на нашите најблиски, но исто така во чест на овој ден имаме и одредени прослави, една од тие е и оваа мнифестација „Лопатички средби“ во едно од најживописните и најубави села во нашата Општина, а тоа е селото Лопатица. Денеска тука има дојдено премногу народ од сите градови каде се иселиле жителите од ова населено место, најмногу ги има од Прилеп и Битола. За жал сега има тука само неколку жители, но во иднина поради прекрасната природа ова место нуди одлични можности за развој на тој алтернативен или селски туризам. За тоа многу ќе помогне и асфалтниот пат кој се изгради дотука. Во оваа прилика на жителите од с. Лопатица, но и на сите православни верници им го честитам празникот, а оние кои го носат името на овој ден нека им е честит именденот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Инаку според православната црква празникот Духовден или Света Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите кој слегол врз нив на 50-тиот ден по Велигден. Од овој ден па натаму Апостолите се исполниле со Светиот дух, започнале да зборуваат на различни јазици и започнале да го шират Евангелието и Христовото учење по целиот свет. Овој ден уште се нарекува и роденден на Светата Црква.