Во Прилеп по 7-ми пат ќе се одржи ултра планинскиот маратон „Krali Marko trails“

И годинава по 7-ми пат во Прилеп од 22 до 24 септември ќе се одржи ултра планинскиот маратон насловен како „Krali Marko trails“. Оваа година има рекорден број на пријавени натпреварувачи дури 388 од 22 држави од целиот свет. Организатори на настанот се Здружението „Krali Marko trails“, ПСД „Макпетрол“ и Општина Прилеп. Мотото на маратонот е „ПОЧУВСТВУВАЈ ЈА ЛЕГЕНДАТА, ИСТРЧАЈ ГО МИТОТ!!“

Годинава ќе се трчаат 4 трки. Најстарата и најмасовната трка „Трескавец Треил” е долга 16 километри и стартува од амфитеатарот во населбата Варош, минува под Марковите Кули и преку живописните околни прилепски ридови оди до манастирот Трескавец. Трката ќе започне во 10 часот на 23 септември.

„Камена Баба Треил” започнува и ја следи истата патека до манастирот Трескавец како и „Трескавец Треил” за потоа да продолжи по фасцинантниот карпест терен на патот за селото Дабница. Оттаму го качува ридот Кукул на кој се наоѓа и светски познатиот болдеринг локалитет „Камена Баба” и се упатува кон контролната точка на Прилепското езеро. Од таа контролна точка патеката се враќа назад, го заобиколува Кукул и болдер локалитетот Камена Баба и се упатува кон седлото „Наковална” каде се префрла на северната страна на ридот позади Марковите Кули. Оттука, трката се враќа во Варош. Стазата е долга 31 км, а трката започнува исто во 10 часот на 23 септември.

Третата стаза „Козјак треил“ е трката од која започна се. За прв пат беше одржана во 2012 година како прва и најдолга ултра планинска трка во Македонија и оттогаш наваму имаше вкупно 3 изданија. Името на трката потекнува од највисоката точка на патеката, врвот Козјак (1.747м), кој се наоѓа на точно половина патека, а истата има вкупно висинско качување од 3.000 м низ теренот кој ви гарантира доживување кое ќе го паметите засекогаш. Таа е долга 65 км. и ќе започне во 8 часот на 23 септември.

Најдолгата трка во едицијата на Крали Марко Треилс, го носи и најголемиот предизвик. Да се биде учесник на Крали Марко Ултра Треил значи да се биде дел најголемата македонска ултра трка со должина од 110 километри. Епскиот лик на Крали Марко и неговата сила, моќ и издржливост се вистинско олицетворение на она што можете да го очекувате од оваа трка.

Патеката ќе ве води низ низа од прекрасни села, манастири и историски места, а недопрените треил патеки во резерватот Мукос, врвот Козјак и Марковите Кули, како и техничките спустови низ карпест и каменест предел, ја прават трката да биде ултимативен тест на изджливост и една од најтешките на Балканот. Стартот и финишот започнуваат во петок на 22 септември во 23 часот.

Најкратката, највеселата и најшарената трка „Маркукуле треил“ е наменета за најмладите. Трката е во должина од 1,5 километри и од амфитеатарот во Варош оди до манастирот Св. Архангел Михаил веднаш под Марковите Кули, а завршува повторно во Варош. Ќе започне на 24 септември во 10.30 часот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.