Со предавање во училиштата и делење пропаганден материјал и презервативи денеска Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ)цод Прилеп во соработка со Црвен крст го одбележаа Меѓународниот ден за борба против сида.
„Во Македонија секој оној кој што е инфициран од ХИВ/СИДА има пристап до антивирусната терапија,која ја има во доволен број за сите. Целта на нашите едукации е да се укаже на раното откривање на ХИВ инфекцијата и значењето на тестирањето во таа смисла. Што побрзо се направи тестирањето, во порана фаза на инфекцијата, кога сеуште имунитетот на заразениот е зачуван, тогаш поголем ќе биде ефектот од лекувањето. Затоа инсистираме болеста да се открие во што е можно порана фаза. Токму затоа инсистираме да прават ХИВ тестови“ истакна д-р Татјана Станимировиќ, началник на одделение по епидемиологија при ЦЈЗ.
Д-р Станимировиќ потенцираше дека бесплатни тестови се прават и во Прилеп, а при тестирањето максимално е запазена дискрецијата и анонимноста на лицата.
„Во нашата институција со години секојдневно работи советувалиште за сексуално преносливи болести и за сексуално и репродуктивно здравје. Во советувалиштето може да се добијат совети и се врши бесплатно тестирање. Тестовите се со 99% сигурност и многу брзо се соопштува резултатот. Затоа апелираме секој оној што смета дека бил изложен на некој ризик, да дојде и да направи тестирање“, додава Станимировиќ.
Едукатори од Центарот за јавно здравје вчера одржаа трибина со учениците од СОУ „Ѓорче Петров“, а едукативни предавања дополнително ќе се одржат во сите основни и средни училишта од градот.
Инаку во Прилеп последните години забележан е тренд на пораст на заболени од ХИВ/СИДА. Од првиот регистриран случај од 1991 година досега инфицирани се 16 мина, а 6 од нив регистрирани се последните 2 години. Тројца новоинфицирани се откриени годинава и тројца минатата 2016 година.
Доколку некој сака да се обрати до Центарот за јавно здравје во Приелеп тоа може да го направи на тел. броеви 075-353-801 и 076-475-747. Од Центарот уште еднаш потенцираат дека анонимноста е максимално загарантирана.