Во Прилеп започна Европско јуниорско првенство во воздухопловно моделарство (ФОТО)

DSC_1090

На спортскиот аеродром во Прилеп денеска започна Европскиот јуниорски шампионат во воздухопловно моделарство, на кој учествуваат околу 80-тина натпреварувачи од 19 држави. Во Прилеп овие денови е собрана светската елита на овој спорт. Натпреварувачите велат дека прилепскиот аеродром е еден од најдобрите терени за развојот на овој спорт на Балканот.

DSC_1091

„Оваа година одржуваме 4 воздухопловни манифестации тука. Денеска започна најважната од нив, а тоа е европскиот јуниорски шампионат во воздухопловно моделарство и тоа во најтешките можни дисциплини кои се организираат, модели за слободен лет. Имаме присуство на натпреварувачи од 19 држави, тука е врвот на Европа од овој спорт. Имавме денеска исклучиво интересен ден, со многу постигнувања на максимални резултати и веќе конечно во завршниот дел од полуфиналето се пласираа 7 натпреварувачи. За утре се закажани финалните летови. На ова првенство покажано е максимално присуство на наука, нови технологии, електроника, многу високи психо-физички карактеристики на спортистите кои што учествуваат тука и кои укажуваат на тоа дека во овој спорт секоја година се покажуваат се поголеми врвни резултати“, вели Здравко Тодороски, организатор на шампионатот.

DSC_1058

Учесниците се натпреваруваат во 3 категории Ф-1-А, Ф-1-Б и Ф-1-П.

DSC_1120

„Имаме три категории на летала тука, едните се слободно летачки модели, едрилици, кои се влечат со конец, другата класа се модели со погон на гума, а третата се оние со мотор на гориво. Тука се присутни држави кои се лидери во овој спорт, како што се Русија, Украина, Израел, Полска, Романија и други. Ова е најсилен шампионат во Европа кој се организира за оваа сеозна во 2017 година. Овој терен е еден од најдобрите терени кои ги имам видено, се е чисто, нема никакви препреки, а тоа е многу значајно за праќањето и за враќањето на моделите“, истакна Јоже Чуден, селектор на шампионатот од Словенија.

DSC_1069

Овие натпревари во воздухопловно моделарство секоја година се максимално поддржани од локалната самоуправа на Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески.

DSC_1035

„Овие денови се одвива европското првенство во воздухопловно моделарство кое што секогаш се организира од страна на нашиот клуб на овој терен кој е еден од најубавите на Балканот. Мислам дека има квалитетни модели кои ќе ги презентираат натпреварувачите, ќе победат најдобрите, а љубителите на овој спорт деновиве ќе имаат можност да присуствуваат на еден доста возбудлив настан“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

DSC_1046

Натпреварите ќе траат до петок.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.