Влегле во домот, ја врзале со селотејп и и се заканувале со нож – уапсени две лица во Прилеп

Судот во Прилеп одреди притвор за две лица, осомничени за разбојништво во два одвоени случаи во градот.

– СВР Битола, заедно со надворешната канцеларија за криминалистички работи од Прилеп до прилепското Основно јавно обвинителство поднесе кривични пријави против 48-годишен жител на Кичево со иницијали С.Г. и против 27-годишна прилепчанка со иницијали Н.А. за сторени кривични дела разбојништво во два одвоени случаи во Прилеп, соопшти портпаролот на СВР Битола Лефтерија Миленкоска на денешната прес конференција во прилепската полиција.

Прилепкиот Основен суд на двајцата осомничени им одредил притвор, на кичевчанецот со иницијали С.Г. во траење од 30 дена, а на прилепчанката со иницијали Н.А. и е одреден домашен притвор.

Според Миленкоска, во првиот случај на 20 октимври оваа година, околу 3:30 часот, осомничениот кичевчанец С.Г. со уште едно непознато лице извршил разбојништво во куќа на улицата „Борка Талески“ во Прилеп и украле злато и златен накит во вредност од околу 150.000 денари.

– Двајцата насилно ја отвориле влезната порта од куќата и преку незаклучената влезна врата влегле во куќата. Во спалната соба ја нападнале прилепчанката со удари од тупаници по главата и по телото, ја врзале со селотејп лента и и се заканиле со нож дека ќе ја убијат доколку не им даде пари и накит. Исплашената прилепчанка им дала златни обетки и покажала каде има златни предмети. Украдени се три златни прстени и 20 златници. Разбојниците потоа ги зеле накитот и златниците, ја заклучиле влезната врата и побегнале, рече Миленкоска.

Во вториот случај на 16 ти овој месец, во 6:30 часот осомничената 27-годишна прилепчанка со иницијали Н.А. со уште едно непознато лице извршила разбојништво во двор од куќа во Прилеп на улицата „Љубен Лапе“ напаѓајќи дистрибутер на „Прилепска пиварница“ од кого украле околу 96 000 денари.

– Дистрибутерот со кесе од прометот во кое имало и кредитни картички и лични документи, излегувал од куќата и кај гаражата го нападнал разбојник со палка, удирајќи го по главата и телото. Другиот разбојник го нападнал од задната страна. Му ги зеле парите и побегнале, објасни Миленкоска.

Полицијата ги расчисти двата случаи на разбојништво и против двајцата осомничени се поднесени кривични пријави и им е одреден притворот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.