Здружението на прилепски бранители оваа година аплицирало со проект на јавниот оглас за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации од претходната влада и добило средства во висина од 300.000 денари за уредување на спомен комплексот кај месноста “Песјобрдце”.
На прославата на “3-ти Ноември” денот на ослободувањето на Прилеп, наместо современ комплекс достоен за положување цвеќе, на Песјобрдце депонија и руинирано спомен обележје. Идејата местото да прерасне во уреден спомен комплекс кој ќе биде достапен за одмор, рекреација и место достојно за одавање почит кон делото на стотици погинати борци, ќе почека некое идно време.
– “Aплициравме во Владата на РМ и добивме проект што ќе го искористиме за да го реставрираме споменикот „Песјобрдце“, кој датира од ослободувањето на Прилеп. Проектот е одобрен и со помош на локалната самоуправа и на Сојузот на борците да изготвиме идејно решение и да продолжиме со негова реализација”, истакна после добивањето на средствата Гоце Стефаноски од „Прилепски бранители“, кој воедно дополни дека Здружението негува голема почит кон борците од Ослободителната војна од 1941 до 1945 година.
Но, со доаѓањето на власт на новата влада на СДСМ од месец јуни, оваа програма на претходната влада беше стопирана, а средствата за организациите беа укинати.
Целта на овој проект според Стефаноски била целосно да се уреди запуштеното место околу овој спомен комплекс кој е во чест на едни од најжестоките борби за ослободувањето на Прилеп кои се одвивале таму за време на Втората светска војна.
Целта на здружението Прилепски бранители со реставрацијата на овој коплекс била не само обновување на околината, која е запуштена и обрасната со трева, да се направи едно место за рекреација, место кое ќе биде посетено од граѓаните, како и изградба на параклис.
Покрај тоа, членовите на ова здружение имаа и намера да ги обединат преживеаните борци од народноослободителната борба, со борците од конфликтот во 2001 година и заеднички да направат нешто од ова место кое требаше да биди место за почит и сеќавање на херојските дела од едно време.
Околината денес околу спомен обележјето и постаментите посветени на батаљоните кои учествувале во борбата е затревена, а наоколу и денес имаше отпад кој несовесните граѓани постојано го истовараат. Иако младите активисти на СДСМ Прилеп вчера го посетија ова место, а притоа рекоа дека ќе го исчистат, денес одблиску се уверивме дека не мрднале со мал прст.
А/Г/