Со непосредна презентација на квалитетот, производите на Витаминка се претставија на најголемиот саем за храна и пијалаци, Ануга 2017 којшто се одржува во Келн, Германија. Голем дел од асортиманот на компанија, почнувајќи од оние што се посебно интересни за странските пазари, слатката и солената програма се изложени на штандот на Витаминка каде посетителите имаа можност да се запознаат и да ги пробаат. Производите на компанијата, посебно новитетите веќе ги предизвикаа првите позитивни импресии.
Ануга е центарот на сите значајни произведувачи на храна и пијалаци во моментов и самото присуството на саемот значи дека сте реномиран и посакуван производител од индустријата.
„Се поврзано со овој саем е стимулирање на понатамошниот развој на компанијата, почнувајќи од концептот што го има, одржување секоја втора година, како е осмислен и организиран. Овде се сите новитети, трендови, тенденции и она што е најзначајно – иновации во прехранбената индустрија. А тоа го знаеме затоа што сме редовни посетители и досега сме имале позитивни резултати од ова саемско претставување. Самото учеството заедно со други производители од светски ранг е потврда за успешноста на Витаминка надвор од македонските граници, како и повод за нови деловни соработки со компании од различни земји во Европа и светот“, изјави Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка.
Покрај главното саемско претставување, Ануга нуди дополнителни активности и содржини, што го прави атрактивен не само за изложувачите, туку и за сопственици на малопродажни ланци, произведувачи на полупроизводи, трговци но и граѓани. Оваа година се очекуваат приближно 160.000 посетители кои ги откриваат најновите и најиновативните производи, а околу 7.400 изложувачи од целиот свет се инспирираат од најголемиот избор производи во светот и бараат можност за својот производ.
Извор: ТВ Канал Визија