Денес православните христијани го празнуваат големиот верски празник Голем или Источен петок, односно Балаклија.
Со верски обреди, обичаи и вековна традиција празникот се одбележува и во манастирот „Свети Архангел Михаил“ под Марковите кули во Прилеп, а жителите на најстарата населба во градот “Варош”, денес широко ги отвораат портите на своите куќи и чекаат гости.
Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.
Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.
Според преданието на православата црква пак, на овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него.
Христијаните си спомнуваат и за многуте чуда што се случиле во тој храм посветен на Богородица.
И во манастирот „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа извор за кого христијаните веруваат дека има лековита вода. Токму поради овој извор тука денеска доаѓаат посетители од цела Македонија за да се измијат и напијат вода од изворот.
„Доаѓаме тука секоја година, палиме свеќа за здравје и се миеме од водата од изворот што се наоѓа во дворот од манастирот. Овој празник многу се почитува во Прилеп, а особено во населбата Варош. Тука околу манастирот се организира и панаѓур. Ова е една многу убава традиција која ние ја почитуваме со векови“, рекоа дел од присутните гости во манастирот „Св. Архангел Михаил“.
Инаку денеска е слава на населбата Варош и сите куќи се отворени преку целиот ден за добронамерниците кои се послужуваат со ручек од традиционални специјалитети. Ова е една вековна традиција која се одбележува во Прилеп.
ЗА МНОГУ ГОДИНИ!