ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани поднесоа колективна неотповиклива оставка

Чeтворицата членови на советот на општина Вевчани од редовите на ВМРО ДПМНЕ денеска поднесоа колективна оставка и најавија дека повеќе нема да учествуваат во работата на советот.

Истакнаа дека се решиле на ваков чин во знак на протест против начинот на владеењето на СДСМ и приведувањето на нивниот сопартиец Крсто Мукоски кој заедно со уште петмина пратеници и триесет други лице се товари за тероризам и загрозување на уставниот поредок на земјата за инцидентите во макдонското Собрание што се случија на 27-ми април.

-Како претставници на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија во Општина Вевчани, сакаме да ја известиме јавноста дека денес на ден 02.12.2017 година, во знак на револт и протест од начинот на владеење на оваа гарнитура предводена од СДСМ, како и последните политички хајки кои што ги спроведуваат врз невини граѓани, а се однесуваат на настаните од 27-ми, со што не враќаат назад 70 години, во времето на Информбирото. Во знак на солидарност со сите жртви на овој тоталитарен режим, денес како советници поднесуваме неотповикливи оставки и ги враќаме мандатите кои што ги добивме од граѓаните на Општина Вевчани, изјави Јовица Лешоски, советник на ВМРО ДПМНЕ од Вевчани, пренесува порталот „Охрид њуз“.

Лешоски појасни дека сите предложени кандидати од листата на ВМРО ДПМНЕ на последните локални избори ќе ја бојкотираат работата на општинскиот совет во кој партијата освои 4 места, а СДСМ 5 и го има мнозинството.

-Сега целата одговорност за работата на општината е во рацете на советниците на СДСМ и оставаме се на нивната совест, додаде Лешоски, кој истакна дека советниците на ВМРО ДПМНЕ од Вевчани не им веруваат на институциите на системот.

Ова е прв ваков случај во Македонија советници да поднесат неотповикливи оставки.

Претходно од истите причини членовите на советот во Ресен најавија бојкот на работата на градското собрание.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.