Во рамките на денешната седница на Собранието на Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон со кој се предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за 5%.
Илија Димовски на прес конференција изјави дека овој закон е единствено во интерес на граѓаните и дека со донесувањето на овој закон ќе се овозможи зголемување на платите за 5% на наставниците, професорите, медицинските сестри, техничкиот кадар, полицијата, восјката како и на сите други вработени во јавната администрација.
-Предлагаме Собранието на Република Македонија на денешната седница да го разгледа и да го донесе по скратена постапка Предлогот на закон за дополнување на Законот за исплата на плати во Република Македонија, предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ со кој закон ќе овозможиме 5% зголемување на платите на наставничкиот кадар, професорскиот кадар на факултетите, воспитувачките во градинките, негователките, техничкиот кадар во училиштата, медицинските сестри, техничкиот кадар во здравството, 5% зоглемување на плата во полицијата, војската, на вработените во сите јавни претпријатија во Република Македонија, на вработените во фондовите, центрите за социјални грижи, агенциите, на актерите, трудовите работници и сите кои што влегуваат во категорија државни и јавни службеници, тоа 5% зголемување на плата во јануари 2018 година, и 5% зголемување на плата во јануари 2020 година. Доколку на СДСМ им се во интерес граѓаните тогаш нема никаква причина овој закон денеска да не биде ставен во скратена постапка и да биде изгласан, изјави денес Димовски.