Предлог законот за исплата на плати поднесен од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се најде на дневен ред на денешната седница на Комисијата за труд и социјална политика.
Поддршка за овие предложени законски измени со кои се предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за 5% во 2018 и 5% во 2020 година, дадоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, додека пак пратениците на СДСМ и ДУИ гласаа против овој предлог.
Оттука, овој предлог закон со 7 гласа „За“ и 6 гласа „против“ беше изгласан со што беше дадено зелено светло предлогот да се даде на понатамошно читање.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е позитивно законско решение кое предвидува зголемување на платите во јавниот сектор со што би требало да продолжи континуираниот процес на зголемување на платите во јавниот сектор.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така велат се надеваат дека овој предлог закон ќе ја добие поддршката од владеачкото мнозинство кога истиот ќе биде ставен на дневен ред на пленарна седница на Собранието на Република Македонија.