Еден ексцентричен милионер, една мистериозна песна и два милиони долари во злато. Сето ова би звучело многу примамливо доколку во приказната не би биле и четирите загубени животи.
Иако на почетокот од оваа приказна ќе помислите дека станува збор за измислица, потрагата по скриеното богатство на Форест Фен е вистинита. За тоа сведочат четири семејства чии најдраги страдале во потрагата по тоа богатство.
Џеф Марфи, 53- годишен човек од Илиноис, исчезнал лани во јуни за време на прошетката во националниот парк Јелоустон. По опсежната потрага во која учествувале и кучиња трагачи и хеликоптери, телото на Џеф е пронајдено на дното од карпестата патека која се наоѓа над реката во националниот парк. Иако истрагата исклучила самоубиство, истражувачите не може да ја откријат точната причина за смртта.
Нови информации во јавноста се пуштени минатата недела кога некој човек барал информација за смртта на Марфи. Според објавениот извештај, Марфи настрадал за време на потрагата по богатството на милионерот.
Овој ексцентричен милионер пред осум години закопал злато, драгоцени камења и други артефакти, проценети на два милиони долари. Ги сокрил во планинскиот масив Роки, измеѓу Санта Фе и канадската граница. Фен рекол дека богатството е сокриено во пештерата на надморска висина од 1.500 метри. Тој рекол дека таа локација е толку лесно достапна што до неа може да појде и 80 годишен старец.
За жал, до сега во потрага по богатството четворица го загубиле животот.