За Стручниот штаб и фудбалерите на Победа значајната победа и 3-те бода од гостувањето на А.Пандев во Струмица се веќе минато. Сите мисли и целиот фокус е на утрешниот прв 1/4-финален меч од Купот на Македонија со Пелистер во Битола(13 часот). Шефот на Стручниот штаб на Победа Славољуб Бубања го потенцира значењето на овој меч но и воопшто на Купот како специфично натпреварување, посебно затоа што во Црна Гора со Челик има освоено Куп трофеј.
-Натпреварот со А.Пандев за нас е минато. Веќе утре имаме натпревар против Пелистер. Сигурно како што и Пелистер, како минатогодшен осовојувач на пехарот, има свои и ние имаме наши амбиции во Купот на Македонија. После би рекол незаслужените порази од Шкупи и Шкендија, кои тешко ни паднаа на сите, момците се вратија и во Струмица покажаа карактер и го потврдија својот неспорен квалитет. Тоа неделно издание ни дава голем оптимизам пред овој натпревар. За мене Купот е своевидно турнирско натпреварување од два натпревари. Имаме добар ростер на фудбалери и такаречи од моето доаѓање првпат за утрешниот меч сите фудбалери се во комбинација-нема ни повредени ни казнети поради картони. Ние ќе дадеме се од себе утре и се надевам на поволен резултат. Од мој аспект, затоа што имам освоено Куп трофеј, се што ќе направиме на утрешниот меч со постигнат гол во Битола би биле поблиску до полуфиналето.