Бранко Башески еден од ретките метлари во Прилеп сеуште трудољубиво го негува својот занает

11308_Klas_po_klas_-_metla_-_Branko_Baseski

„Ако немаш љубов кон занаетот, парите се последната работа. Од 20 години сум во допир со метлите, а 37 официјално работам. Не сакам никогаш да го напуштам. Татко ми 50 години беше метлар и од занаетот изгледа пет деца“.

Вака говори 58 годишниот метлар Бранко Башески – еден од два-тројцата метлари во градов.

– Останатите се прематари. Продаваат поевтино и успеваат – кажува Бранко.

Семејство Башески живеат единствено од производство на метли. Сите знаат да работат и помагаат. Трудољубиви се и вредни.

– Важно е чесно да се живее од занаетот. Преживуваме некако со тимска работа. Сопругата Тина 30 години е рамо до рамот до мене. Таа прави кивчиња. Синовите Слободан и Менде умеат да шијат. Помалиот има ,,фат,,. И постариот работи – кажува искусниот мајстор Бранко, кој изучил и тројца метлари.

Метлар со чатип

Во 1982 година полагал за правење метли и добил мајсторско право. Тешко се носи со прематарската конкуренција.

Амбициозен, практичен, комуникативен човек е Бранко. Работата не го плаши. Најтешко му е кога нема работа. Инаку, ја загрева столицата од пет наутро до два часот по полноќ. Низ прстите се обликуваат класјето. При тимски работа, создаваат до 50 метли дневно. Една метла се прави за триесетина минути.

– Се работи рачно. Со запчаник со сајла, стегачи за шиење, конец, ножици… Потешката е подобра за муштериите – кажува Башески и ваја метла со вештите раце, елегантно, брзо, со чувство за убаво.

Во скромната работилница се крепи и по седумдесетина години. Таму создавал и татко му. Се шири мирис на класје, распослано насекаде. Готови метли чекаат иден газда, а недоправените да бидат дотерани. Просторијата е исполнета со природна топлина и жив разговор со мајсторот. Радиото прави ѓурултија. Пее нешто.

– Бранко е постојан слушател на радио. Нема песна која не ја знае – открива Тина, неговата сопруга.

Бели метли за вредни домаќинки

Од два килограми класје се прават три квалитетни метли.

– Скопјани прават и по четири, но не се квалитетни. Прво се влажнее материјалот да се работи. Се става на чучур и сумпур да омекне и да добие во квалитет и боја. Нормална големина на метла е околу 70 сантиметри. Се состои од 30 класи (класје) и осум до девет за капакот, односно лицето. Метлата сушена на сонце е бела, убава и квалитетна – објаснува вредниот мајстор.

Материјалот за метлите го набавувал 20 години од Албанец од Сарај. Нешто и саделе, ама старото семе било најдобро за квалитетни метли и се сеело во пролет.

– Треба да насадиме 50-60 декари да се одржи занаетов. Не можеме да стасаме толку да обработиме. Има скопски села кои исклучиво сеат семе за метли и го продаваат. Еден декар раѓа 130-150 килограми класје, од кои се прават 180 метли. Метлите не се скапи. Каде е тука математиката – се прашува Бранко.

Во пазарни денови продаваат повеќе метли. Продава и ,,топтан,, за Битола. Не сака да ги остави постојаните муштерии, кои некогаш му одат и дома по метла. Нуди теклии, чифлии метли, метли со стапчиња, мали метли за в кола, метлиња колку една рака за бебиња. Луѓето ги земаат за под перничиња на бебето против уплав и уроци. За нив Бранко не зема пари, оти ги смета за дар.

Искусниот метлар кажува дека пластичните метли не се ефикасни.

– Природниот материјал не се заменува со ништо. Метлата може да служи и до пет месеци, ако се пази и одржува – забележува Башески.

Метлите најмногу се купуваат околу Велигден и од септември до Божиќ. – Гревота е да изумре занаетот. Општината треба да преземе мерки да опстојат занаетите – заклучува Бранко Башески,  производител на метли.

Порано имало 13 метлари кои во пазарен ден носеле по 30 метли.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.