Еден од поголемите капитални проекти, крстосница со кружен тек над градската река кај мостот “Табана”, кој треба да придонесе за да се зголеми безбедноста, проточноста и ефикасноста во сообраќајот, според предвиденото од претходната локална власт треба да започне наскоро со реализација.
Имено, доскорешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески, во предизборието најави дека средствата во висина од 2 милиони евра за кружен тек на улицата „11 Октомври“, се обезбедени од Светската банка и истиот е со рок на реализација 2018-2019 година.
Преку реализацијата на овој проект улицата треба да прерасне во булевар со четири коловозни ленти, среден зелен појас со улично осветлување, велосипедски патеки и двострани тротоари.
Сега се поставува прашањето, дали новата локална власт предводена од градоначалникот Илија Јованоски ќе ја започне изградбата на ова навистина потребно инфраструктурно решение за сите граѓани на Прилеп?
Дали градоначалникот и неговиот тим ќе бидат доследни на потребите на граѓаните и ќе го надминат својот политички егоизам во овој случај, ќе видиме за скоро….
Ова е проект кој ги оправдува средствата, а особено безбедноста во сообраќајот.
Светската банка во 2012-13 година во два наврати одобруваше кредити за инфраструктурни вложувања. Па, така со средства во висина од 800.000 евра беше изграден современ влез во градот, со пешачки и велосипедски патеки, во должина од 1.200 метри.
Преку овој проект Прилеп го доби еден од најмодерните влезови во државата.