“Ќе се продава ли новата Шкода од 32.000 евра и зошто прилепскиот директор се уште не е разрешен од Заев??”

Вчера владата го објави огласот за продажба на блиндираниот Мерцедес. Од вчера, па во наредните десет дена, сите заинтересирани домашни и странски правни и физички лица можат да поднесат пријава до Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) за учество на јавното наддавање за блиндираниот „Мерцедес-Бенз С 600“.

Оваа вест провладините медиуми ја одекнаа како бомба, притоа заборавајќи дека токму во Прилеп се наоѓа вториот автомобил за чија продажба треба да размислат од владата, особено ако се земат во рпедвид жестоките реакции на граѓаните.

Се работи за новата Шкода Супер од 32.000 евра на прилепскиот в.д. директор на Државниот Инспекторат за земјоделство, за чија набавка неодамна извести порталот “Курир”.

Директорот Јане Станкоски пред Нова година се почастил со набавка на вакво ексклузивно возило, кое патем е  најскапата лимузина од гамата на овој производител.

Иако во Прилеп на трибина рамо до рамо со директорот беше и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, а изјава заедно со Станкоски даде и премиерот Заев, сеуште нема најава за негово разрешување, и покрај тоа што критиките беа бројни.

За да го ублажат ваквото луксузирање добро би било од владата да размислат и да пуштат оглас за продажба и на овој автомобил. Така би ги виделе чесните намери во секој поединечен случај.

И додека владините функционери уживаат во луксузот, околу 260 сограѓани на овој директор од Еурокомпозит сеуште бараат правда и своите заостанати плати.

Собирите кои минатата недела се одржаа неколку пати во центарот на градот и блокадата на патниот правец Прилеп-Градско, не допреа до владата и премиерот Заев.

Добро би било парите од продажбата на Шкодата и Мерцедесот да отидат токму за нив и колку толку да се намали агонијата низ која поминуваат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.