Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прими Граѓанската иницијативата за распишување на референдум, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ја прими Граѓанската иницијативата за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година) и на истата достави одговор до овластениот предлагач Проф. Д-р Христијан Мицкоски.
Во продолжение одговорот на претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери до овластениот предлагач Проф. Д-р Христијан Мицкоски.
„Согласно член 60, став 1, алинеја 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Ве известувам дека граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018 година), не е во согласност со член 118 од Уставот на Македонија, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот на Македонија.
Имено, во член 118 од Уставот на Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.