Ќе проработи испитниот центар за возачки во Битола

Испитниот центар за возачки испити во Битола и околните општини наскоро повторно ќе проработи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој најави дека се бара законско решение за подобрување на квалитетот на услугите, а како можност ја спомена и опцијата за јавно-приватно партнерство.

Испитниот центар Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола престана да врши полагања за возачки дозволи на 12 август со период до 13 септември да ги реши неправилностите во работењето. Денеска е 16 септември и телефонот на правното лице се уште е исклучен, на што битолчани реагираат дека е крајно дрзок начин на однос на правното лице со граѓаните. Според медиумските наводи, зад „Супер возач“ стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Општина Кичево, Филип Митрески, преку фирмата „Стрит рајд“ којашто е сопственик.

Кога ќе проработи испитаниот центар во Битола не кажа точно дата ни министерот Тошковски, освен потврда на новинарското прашање.

„Ќе проработи -да“, рече Тошковски во интервју за порталот „360 степени“, и го образложи проблемот.

„МВР му донесе забрана за работа во траење од 30 дена на правното лице (Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола), бидејќи неколку месеци од како ја добил лиценцата не ги испочитувал условите за работа кои требало да ги испочитува за да функционира овој испитен центар. Кадрите кои претходно работеле во испитниот центар, правното лице ги заменило со нови. Дел од стручните лица немале лекарски уверенија. Испитниот центар не водел соодветна евиденција на луѓето кои што полагале за возачка“, објасни министерот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.