Изминативе години, сите сме сведоци дека еден од најголемите проблеми на граѓаните е недостаток на паркинг простор во централното градско подрачје на Прилеп. Проблем кој го попречува секојдневниот начин на функционирање,проблем кој мора и ќе биде решен – истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп, Д-р Борче Јовчески.
Неговата прес конференција во целост ја пренесуваме во продолжение:
“Ова е еден од главните проекти на чие реализирање ќе започнам веднаш по стапувањето на функцијата градоначалник на Прилеп!
Монтажните катни гаражи се еден од водечките проекти во програмата кои даваат одговор на ова прашање и го решаваат проблемот со паркинг на секој граѓанин.
Поставени на атрактивни и лесно достапни, добро познати локации за граѓаните, на неколку минути одење пешки до старата градска чаршија и центарот на градот, ќе бидат поставени во близина на споменикот Карпалак, непосредно пред Кам маркет, на постоечкиот паркинг простор. Втората монтажна катна гаража ќе биде изградена зад Стара Градска Кафеана а третата помеѓу Општината и Поштата.
Истите,како ќе изгледаат можете да ги видите. Ова се изработените веќе 3 Д проекти на катните гаражи кои планираме да ги поставиме.
Несомнено, паркинг просторот стана еден од главните фактори за успешноста во работата воопшто, на многу гранки од стопанството, а за жал проблемот со паркинг простор е најизразен во централните градски подрачја каде е сконцентриран поголем дел од јавниот живот во градовите и најголем дел од јавните институции.
За таа цел изградбата на монтажни катни гаражи во делови од центарот на градот во голема мера ке влијае на задоволување на потребата од паркинг простор и повторно заживување на старата градска чаршија која во последниве години беше оставена речиси без можност да се паркира во нејзина близина, а и слободно ќе речам – отцепена од централното градско подрачје заради немањето слух за овој проблем кој дуќанџиите гласно го кажуваат.
Имено монтажните катни гаражи ќе овозможат искористување на истиот паркинг простор на неколку нивоа (еден или два етажи), а со тоа и зголемување на бројот на паркирани возила, блиску до бараната дестинација.
Овој начин на решавање или поточно ублажување на оваа проблематика, е брз, релативно економичен и ефикасен метод кој го применуваат скоро сите развиени градови.
Прилеп во наредните 4 години ветувам дека ќе стане современ,модерен град со решена инфраструктура и решени сообраќајни проблеми.
Прилеп ќе биде град за сите луѓе”.