Јанушев: Структури на власта вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците

Велат: „Ако не се бориш, веќе си загубил. Решеноста да се бориш значи половина добиена битка“. ВМРО-ДПМНЕ одбра борба против оваа власт, влезе во битка за Македонија, во моменти кога на власт се наоѓа неодговорна, криминална и неспособна политичка елита.

Ова вечерва го истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

-Денес се случува вистинска драма. Структури на власта и структури кои одработуваат за оваа власт, вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Собранието на Македонија се претвори во пазар и арена на притисоци, закани и уцени. Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатава година ипол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени, произлезени од договорот со Грција. Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание на блиски роднини на пратеници, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе, обелодени Јанушев.

Тој посочи неколку примери.

-На еден пратеник му се понудени еден милион евра за да гласа за договорот. Истите се одбиени. На друг пратеник му се понудени два милиони евра, на трет 250.000 евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена. Се работи за нашата татковина. Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсата на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето, рече генералниот секретар.

Јанушев му се обрати на премиерот: „Господине Заев има ли алал во ова? Дали сте свесен господине Заев што правите и во каков амбис ја водите државата? Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете пратениците слободно да одлучуваат“!

-Никаде во светот нема киднапирано Собрание и расправа која ќе се закаже се додека не се постигне потребното мнозинство за кое власта решила дека мора да се постигне. Ова е невиден преседан. Сето ова ќе ви се врати како бумеранг. Ова не се демократски вредности, ова не е за Европска Македонија за која наводно се боревте. Ова е диктатура на неколкумина врз мнозинството. Ова што Заев денес го нарекува „обиди за доаѓање до мнозинство“, во реалноста е насилие. Насилие токму врз македонскиот народ. Во Собранието повеќе од присуството на Заев е потребно присуството на јавното обвинителство кое мора веднаш да превземе мерки и да се испитаат сите наводи за противзаконско и противуставно работење. Сите закани, сите уцени и притисоци, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Јанушев јавно им одаде признание на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата кои не подлегнаа на притисоците и заканите.

-Вие во овие моменти сте стожерот на кој се потпира волјата на граѓаните. Вие сте последната брана пред оваа налудничава и недемократска влада и наша заедничка обврска да опстоиме. И ќе опстоиме и ќе победиме, порача Јанушев.

За крај потенцира: „Господине Заев, вашата злоба и насилство не е поголема од нашата љубов кон Македонија“!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.