Русија на воената парада по повод “Денот на победата”, која ќе се одржи во среда, 9 мај, ќе го прикаже новиот роботизиран тенк “Уран -9” и нови вооружани системи кои биле тестирани на военото поле во Сирија.
“Повеќенаменскиот роботизиран борбен комплекс” Уран-9 наоружан е со противтенковски ракети, топови и митралез. “Би-Би-Си” пренесува дека Уран-9 може сам да лоцира мети, но одлуката за оган ја дава командирот на возилото, кој седи во блиндиран камион оддалечен до 3 километри од Уран-9.
Ќе биде претставен и “роботизиран диверзант”, возилото Уран-6, кое ќе користи за чистење на мини. Уран-6 се докажал во Палмира, Алепо и Деир ез Зор во Сирија.
Рускиот сајт “Газета” пишува дека Уран-6 се управува со далечинско, а неговиот домет е еден километар.
По прв пат на парадата, ќе биде прикажан и теренскиот пешадиски баги, наменет за сите терени. Возилото АМ-1 има две седишта, а дизајнирано е за пешадија или специјални единици и може да се примени при операции на непристапни терени.
Се наведува дека ќе биде прикажан и новиот дрон “Корсар”, кој може да се користи за ракетни напади, извиднички операции и пренос на залихи. “Корсар” има домет поголем од 160 километри, а може да лета на висини до 6 километри.