Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека обидот на рускиот претседател Владимир Путин да изврши притисок врз Германија и Европа во контекст на војната во Украина и ограничувањето на снабдувањето со енергија пропадна.
„Путин се надеваше дека ќе може да нè уценува со вртење на чешмата на гасоводот“, рече Шолц во Бундестагот пред да оди на самитот на Европската Унија во Брисел: „Но, тој погрешно пресметал, бидејќи, како што нагласи Шолц, Европа е обединета.
Русија нема да победи во војната против Украина, додаде канцеларот. Путин ќе пропадне, всушност тој веќе не успеа, рече Шолц во пленарната сала на Рајхстагот: „Путин нема да ги постигне своите воени цели. Рускиот претседател си игра на слабоста на Западот и Украина, смета тој: „Но Путин е во заблуда. Не сме слаби“.
Санкциите против Русија не се доведени во прашање, рече Шолц: „Ние остануваме на тој курс сè додека Русија продолжува да ја спроведува својата брутална војна за агресија“. А помошта за Украина ќе продолжи сè додека е потребно, додаде тој.
Шолц смета дека Германија е доволно добро подготвена за следните месеци и покрај прекинот на протокот на руски гас:
„Заедно, претпоставувам дека ќе ја поминеме оваа зима. Пополнувањето на германските складишта за гас во моментов е 95 проценти, а ова беше всушност целта што Германија планираше да ја постигне на 1 ноември. И покрај одлуката за рестартирање на некои електрани на јаглен, германската влада сè уште цврсто стои зад своите прокламирани климатски цели“, рече Шолц, пренесуваат медиумите.