Шест дена авантуристичко патување по Вардар: По 25. пат ќе се одржи уникатната “Вардарска регата” (ФОТО)

Во организација на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес, годинава по 25-ти пат ќе се оддржи уникатната Вардарска регата – шестдневно авантуристичко патување по реката Вардар, кое ги спојува природната убавина, историјата и пријателствата низ границите.

Минатата 2025-та година, учесниците запловија на 19-ти јуни од Македонија, а на 24-ти јуни пристигнаа во Солун, преминувајќи вкупно 280 километри од кои 80 километри низ територијата на Грција.

Оваа регата не е само спортски настан – тоа е жив споменик на велешката традиција, на гемиџиите кои со своите пловила столетја наназад тргувале по течението на Вардар. Од времето кога турската патарина ги принудила трговците да ја бараат реката како слободен пат, па сè до денешната еко-авантура – Вардар останува сведок на истрајноста и духот на велешани.

“Ќе запловиме десет пловила се надеваме дека нема да пловиме, веславме по високи температури и по 50 степени на сонце и жега, но сепак треба да се весла, благодарност за централите на ЕСМ кои ни се ветер во грб и ни овозможуваат добар водостој на Вардар. Тоа што за нас беше несфалтиво и што не можевме да веруваме, дека реката Вардар е една низ Македонија, друга низ Грција. Во Евозни се сретнуваме со река Вардар, која е непозната за нас. Таму не среќаваме ниту пластично чише, ниту отпад како што во Македонија по големите дождовите. Реката низ Грција е максимално еколошки заштитена, немаше отпадна, индустриска вода насочена во неа. Сепарации какви што гледаме тука не постојат, таму е друга технологија, која не го менува текот на реката, не ја уништува“, кажа Ангелче Гушев, организатор и капетан на Вардарската регата, 25-та годинава по ред.

“Од клучно значење за оваа мисија се и грчките извидници од Солун, кои веќе пет месеци претходно со велешките извидници го координираа секој чекор од регатата. Тие обезбедија сместување, храна, вода, логистика – но и нешто уште поважно: пријателска рака, соработка и почит.„Голема чест е да ја завршиме регатата во нивната база во Солун“, додава Гушев.

Во завршницата, регатата поминува низ делтата на Вардар – заштитен птичји резерват каде што во јуни се одвива размножувањето. Тука учесниците со посебна грижа го почитуваа природниот баланс, покажувајќи дека вистинската авантура не се мери само во километри, туку и во односот кон природата.

Регатата не е само патување по вода – туку враќање кон корените. Велешките гемиџии, трговци од 18-ти и 19-ти век, ги полнеле гемиите со уникатни продукти како шарлаган (масло од афион), катран (фармацевтски изцедок) и сахтијан (козја кожа за луксузна облека). Гемијата, водена од четворица гемиџии, пловела кон Солун, каде што во близина на црквата Св. Ѓорѓија се вршел претовар за натамошен пат кон Мала Азија и Европа. „Мангалот“ на носот на гемијата бил симбол на живот и отпор – светло во ноќта и топлина во студот. Гемиџиите биле не само трговци, туку и чувари, храбри луѓе кои го бранеле својот товар и пат од грабежи и препреки.

Во време кога луѓето забораваат на реките, Вардарската регата нè потсетува дека водата не е само природен ресурс, туку жива врска помеѓу култури, генерации и народи. Таа е мост – од Велес до Солун, од традиција до современост, од борба до заедништво. И следната година, повторно по патот на гемиите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.