Швајцарска поддршка за нов импулс во развојот на туризмот во Крушево (ФОТО)

Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, информираше за нова иницијатива насочена кон стратешки и одржлив развој на туризмот во општината, реализирана во соработка со швајцарски партнери.

Во рамки на соработката со програмата Increasing Market Employability – IME, поддржана од швајцарската амбасада во Македонија, беше организирана работилница чија цел е зајакнување на партнерството меѓу јавниот и приватниот сектор и постигнување конкретни резултати во унапредување на туристичката понуда.

Работилницата ја предводеше швајцарскиот експерт Оливер Курат, кој со своето долгогодишно искуство во областа на туристичкиот менаџмент презентираше современи пристапи и модели за одржлив развој на туристичките дестинации.

На настанот присуствуваа претставници од приватниот сектор, кои имаа можност за директна дискусија, размена на идеи и предлози, како и отворање на прашања поврзани со актуелните предизвици во туристичката индустрија.

Според Чонески, целта е создавање конкурентна, автентична и одржлива туристичка понуда која ќе придонесе за отворање нови работни места, економски раст и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Воедно, градоначалникот ги информирал присутните за проектите што следуваат во наредниот период, а кои директно и индиректно ќе влијаат врз сите чинители во туризмот – од угостителските објекти и сместувачките капацитети до занаетчиите, локалните производители и младите претприемачи.

Како дел од идните чекори, најавено е и формирање Општински совет за развој на туризмот, како советодавно тело што ќе обезбеди континуирана координација, транспарентност и активно учество на приватниот сектор, со цел одлуките да се носат заеднички и врз основа на реалните потреби на заедницата.

Од Општина Крушево порачуваат дека преку вакви партнерства и заедничка визија, градот има потенцијал да се позиционира како препознатлива и атрактивна туристичка дестинација во регионот, со фокус на долгорочни и одржливи резултати.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.