Синоќа, во изложбениот салон на НУЦК „Марко Цепенков„ Фото клубот Прилеп ја организира својата, традиционална, четврта по ред клубска изложба на уметнички фотографии во чест на фотографот Јордан Зазоски Зазо. На изложбата се преставија 36 автори со 58 фотографии на слободна тема, направени во текот на изминатата година.
„Изложбата е ретроспективна од фотографии и покажува во кој правец водат заложите на клубот на полето на уметничката фотографија и колкав е напредокот во изминатите години кај младите фотографи во крирањето на уметнички фотодела. Вклученоста и на новите членови во изложбата, со нивни фотографии, само ја збогатуваат оваа прекрасна фото уметничка колекција„ – истакна претседателот на Фото кино клубот од Прилеп, Сашо Попоски
Изложбата на уметничка фотографија „Јордан Зазоси Зазо“ ја посети и градоначалникот на Прилеп кој не го криеше воодушевувањето од креативноста на младите луѓе и нивната огромна љубов кон фотографијата.
Тој истакна – „Ме радува што фото клубот Прилеп има доста млади членови. Тоа говори дека градот има иднина за оваа уметност. Воедно, членовите на фото клубот Прилеп се учесници и на многу државни и меѓународни натпревари и секогаш се враќаат со награди. Тоа пак само потврдува дека со помош на овој успешен фото клуб младите научиле и знаат добро да ја направат уметничката маѓија, фотографијата, која претставува интересен момент што го отсликува Прилеп и Македонија„ – рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Годинава, новина на изложбата „Јордан Зазоси Зазо“ беше учеството на новите членови на клубот кои го преку предавања на искусни фотографи, низа активности и работилници, успеаа за краток период да научат за уметничката фотографија. На најуспешните фотографи клубот им додели признанија и благодарници.