ЦИА открива: По цели 65 години откриени нови сознанија за “гревовите” на струмичките студенти

Изминатите неколку дена Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) објави неколку милиони документи во врска со нивната работа, меѓу кои илјадници документи се однесуваат на СФРЈ и Македонија.

strumicki-studenti

Голем број од објавените документи ни укажуваат дека во повоениот период ЦИА одблизу ги следела активностите на ВМРО и поединците кои се залагале за самостојна Македонија, пишува за порталот МКД.МК, политикологот М-р Неџад Мехмедовиќ.

Во еден од извештаите [01.03.1949] на ЦИА за ВМРО со наслов Активноста на ВМРО во Југославија меѓу другото се вели: „ВМРО тајно се залага за создавање на независна македонска држава која ќе ја вклучи југословенска Македонија. Организацијата е особено активна во градовите Прилеп, Велес и Штип. Се шират гласини во Југославија дека луѓето очекуваат да бидат ослободени од титовиот режим до следниот Велигден”.

mkd-304132

Најновите документи на ЦИА ни ги докажуваат искажаните изјави на многу историчари и индивидуалци од минатото дека САД биле особено заинтересирани за случувањата во Струмица во повоениот период. ЦИА најверојатно ги следела настаните уште од информациите за незадоволството и гушењето на националниот дух на жителите, одземањето на земјата (експропријација и национализација) што резултирало со делењето на летоците и паролите од 01.05.1946 година со наслов: Долу експонатите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михајло Апостолски и нивните другари!, Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев. По  оваа активност биле уапсени 25 млади луѓе, меѓу кои беа тројца од петте подоцна убиени студенти кои беа и осудени на затворска казна. Овој факт го потврдуваат и новите документи на ЦИА.

За потсетување, во обвинителниот акт Методија Калкашев, лидерот на уапсената група се вели: „са всите обвинети, недоволни од денешната власт, во начелото на 1946 година во Струмица, организирале во удружење со фашистички цели против уставниот поредок на ФНРЈ. Така, под раководство на обвинетиот Калкашев – истите се организираат во организација која што има за цел борбата против денешната ФНРЈ и нејзиниот уставен поредок и одвојување на Н.Р Македонија од составот на ФНРЈ во некаква си Автономна Македонија на чело со крволокот на мак. народ Ванчо Михајлов, а под протекторат на Англија и Америка”.

Еден од првите документи поврзани со Струмица [17.08.1951] носи наслов Политичкиот развиток и промени во струмичката област на Македонија. Во документот е наведена политичката чистка на раководните лица во првата половина на 1951 година и изборот на нови, најверојатно „подобни” за власта лица во градскиот совет, комунистичката партија, судството, милицијата и УДБА.

1

Значајно за струмичкиот случај е да се забележи дека во групата на предложени функционери на предлог на локалните комунисти се и Ристо Пиличев (организационен секретар) и Мара Минанова (политички секретар), двете најомразени имиња кои Струмица ќе ги памети долго по кобната 1951 година.

2

Во документот со наслов УДБА егзекуцијата на петте студенти во обидот да влезат во Грција[27.10.1951] e наведено дека информациите во документот (3 страници) им се добиени во јули-август 1951 година. Ова е единствен документ од сите 9 документи на ЦИА во кои се повикувам во текстот, а во кои е наведено времето на прибирање на документите (во сите други документи таа графа е прикриена во црно).

3

Во документот ЦИА има информации од денот на првата средба на студентите на 1 јули 1951 година кога се договараат да избегаат во Грција во две групи, па сѐ до нивниот погреб.

4

Тие по втор пат се среќаваат на 27 јули кога склучуваат договор да ја преминат границата на 3 август. Во договорот е наведено Фиданчев да ја премине границата сам преку Дојранското Езеро, додека другите четворица студенти да ја преминат границата преку Беласица. Фиданчев тоа го прави на 4 август не добивајќи претходно информација за промена на датумите, додека останатите четворица студенти поради досега неразјаснети причини го менуваат датумот на бегство за 12 август. Извештајот нотира дека студентите на последната средба од 27 јули се договараат за следното: Групата се согласи да ги земе со себе изводите за раѓање, студентските индекси и личните карти. Групата немаше оружје и немаше намера да пружи отпор доколку беа фатени во обидот да ја преминат границата. Оваа одлука беше донесена бидејќи казната за обидот за бегство беше казнуван од два до три месеци во притвор. Извештајот нотира дека по бегството на Фиданчев на групата дополнителни ѝ се придружува Коце Костуранов.

Во раните утрински часови на 12 август групата го започна бегството. Според извештајот тие се фатени во заседа од УДБА и милицијата во близина на селото Дорлобос. Според мене, ова е можеби единствениот факт каде македонските извори и изворите на ЦИА нема да се совпаднат. Повеќето македонски извори тврдат дека студентите беа киднапирани и однесени во близина на границата каде биле егзекутирани по претходна наредба. Сепак ЦИА податокот дека студентите биле испрашувани и малтретирани пред убиството не го негира. Таа ги нотира мислењата на граѓаните и информаторите. Сите останати факти понатаму идентично се совпаѓаат: Изјавата на муслиманот од Дорлобос, рацете им беа врзувани со жица, телата им беа сѐ уште топли, наредбата за испраќање ковчези во Костурино, изјавата на Мирчо Топчев, испрашувањето на родителите на студентите, погребот на гробиштата во Струмица, бројот на присутни на погребот и начинот на закопување на младите студенти.

На крајот од овој извештај ЦИА има детални биографии на четворица (Борис Белев, Стево Топчев, Георги Јармов и Мирчо Пецев) од петтемина убиени студенти во кои покрај многу лични податоци нотира дека сите биле претходно затварани заради активности поврзани со ВМРО. Недостатокот на биографија на Коце Костуранов кој на крај (пред самото бегство) се придружува на групата е уште еден факт дека ЦИА ги следела активностите на групата подолг период пред убиството, при што поседувала нивни детални биографии.

5

Во друг документ со наслов: „Реакциите во Струмица за егзекуцијата на петте студенти од страна на УДБА [30.11.1951] меѓу другото се вели: Илјадници луѓе присуствуваа на погребот. Полицијата немаше можност да ги спречи луѓето да влезат на гробиштата. Д-р Александар Белев, татко на еден од студентите ги испита телата на жртвите при што констатира дека тие биле малтретирани и стрелани одблизу. Телото на Борис Белев имаше многу модринки и две прострелни рани во главата.

Понатаму се вели дека со оглед на тоа дека градскиот комитет на Комунистичката партија беше загрижен за реакцијата во Струмица за смртта на студентите тие решија да имаат средби во различни фабрики во Струмица за да објаснат дека студентите биле убиени додека се обидувале да избегаат во Грција.

Во еден говор на Ристо Пиличев во фабриката за тули на 16 август 1951 година се вели: „Пиличев им рече на присутните вработени дека студентите се синови на буржоаски родители. Понатаму ќе рече дека истите родители заработувале на маката на сиромашните или пак ги експлоатирале истите.

6

Тој истакна дека студентите не биле ликвидирани по војната и им била дадена шанса да го подобрат своето однесување во општеството. На нив им било забрането да одат во училиште, но тие направиле сѐ што е во нивна моќ за да работат против Комунистичката партија и државата. Пиличев во говорот заклучува дека студентите биле со право убиени и дека тоа ќе му се случи на секој што ќе сака да избега од Југославија.

Еден ден пред горе наведениот документ [29.11.1951] ЦИА добива друг документ со наслов: Мислењата на помалите службеници во Македонија во врска со колективизацијата и американската помош”. Документот започнува со информацијата за говорот на истиот Ристо Пиличев (што покажува дека тој бил предмет на обработка) за колективизациската политика даден во југословенската влада на крајот од април 1951 година. Говорот се состои од четири посебни точки од кои првата е следна: Американците и Британците не доаѓаат во Југославија да го ослободат народот од комунизмот. Понатаму се наведува дека во текот на јануари и февруари 1951 жителите на струмичкиот регион очекуваат промени во политиките на режимот (колективите да се укинат) за што пишуваат и петиции до Скопје и Белград. На истите им биле испраќани емисари да им објаснат дека нема да има промени во политиката, а дел од луѓето кои пишувале петиции биле и апсени. Во однос на американската помош претпоставените биле обучувани да одговорат дека властите не се противат на помошта, но власта нема намера да спроведе алтернативни политики од постоечките. Ова објаснување беше јавно кажано на комитетот на комунистичката партија во Струмица и Босилево.

Два дена пред документот за реакциите на струмичани за егзекуцијата на студентите ЦИА добива друг документ со наслов: Локација на полковите на 48 дивизија. Митралез и противтенковски вградувања во регионот на Струмица”[28.11.1951]. Со овој документ ЦИА добива информација за седиштата на 14 пешадиски полк во Берово, 48 дивизија во Струмица и други два полкови на истата дивизија во Ново Село и Берово. Понатаму во текстот се нотира во кои од селата има вградено пушкомитролези и противтенковско оружје. Документот и датумот на неговото формирање јасно кажува дека ЦИА очекувала незадоволство на жителите од последните убиства, но и стопанската реформа која ќе ја разгледаме во следниот документ. За таа цел тие се снабдувале со информации за воените упоришта и можниот начин на справување на властите со непријателот, но и со сопствените граѓани доколку ситуацијата ескалира.

Двата документи за струмичките студенти ни го прикажуваат едниот мотив за ликвидацијата (припадноста кон ВМРО). Еден друг документ со наслов План за распуштање на колективите во струмичката област”[13.12.1951]ни го дава вториот мотив на убиствата. Имајќи го предвид фактот дека власта тешко се справувала со незадоволството на народот од експропријацијата и национализацијата истата се соочувала со потешкотии при воведувањето на стопанската реформа. Токму убиените студенти со десетици други младинци остро се спротивставувале на национализацијата и тоа јавно го говореле за што има податоци и од самите судења. Со самата ликвидација на противниците на реформите власта упатила порака до сите граѓани дека секој што ќе се спротивстави на политиките кои ги води ќе биде ликвидиран. На тој начин им било многу полесно да ги имплементираат реформите и воведувањето на „стопанството опишани во следниот документ.

Документот од 13.12.1951 ни дава до знаење дека на неполн месец од грозоморното убиство, во септември 1951 година со цел да се смири движењето на селаните за излезот од колективите, народниот совет и окружната УДБА во Струмица им наредиле на локалните претставници да имаат средби со членовите на колективите како би им ја објасниле потребата од распуштање на колективот и формирање на стопанството (економија ) до крајот на 1951 година. Во текстот следи детален опис како тоа ќе биде направено и објаснето на селаните. Во последната точка е наведено дека селаните се сомневаат во намерите на владата и сметаат дека: гласањето за укинување на колективите нема да биде слободно, со „стопанството нема да се подобрат нивните животни услови, владата ќе ги намести цените на производите, на членовите на комунистичката партија ќе им биде дадена подобра земја и дека тие нема да ја добијат земјата која претходно ја поседувале.

По убиството на петтемина студенти ЦИА продолжува да се интересира за активностите на младината во градот. Еден ден по извештајот за реакцијата на населението [30.11.1951] ЦИА добива нов извештај со наслов Условите во гимназијата во Струмица[01.12.1951]. Главна цел на извештајот е да се испита политичката подобност на наставниот кадар и учениците. Информациите кои ЦИА ги добива се следни: Александар Аговски – директор (активен комунист), Манов Димитров – географија (не е комунист), Слободан Николовски – македонски јазик (не е политички определен), Анка Петрова – физика (не е комунист), Константинов – природни науки (нема информација) и Крсто – пред воена обука (нема информација). Според извештајот во гимназијата има неколку комунисти од редот на студентите. Во продолжение за здружието се вели: „комунистичкото студентско здружение лошо работи и е неефикасно. Студентите се приморани да се зачленат во оваа организација но тие избегнуваат да бидат вклучени во неговите активности.

7

Последниот достапен извештај со наслов Струмичка гимназија е од [06.06.1952]. Во него на неполна една година од убиството [13.08.1951] и првиот извештај на ЦИА за гимназијата од [01.12.1951] фигурира само едно исто име од претходниот извештај, она на професорот по географија Манов Димитров. Сите други имиња на раководители и професори се нови. За разлика од претходниот извештај во овој е наведено дека: „комунистичкото студентско здружение има само неколку члена со оглед на тоа што студентите не се присилени да се приклучат.

Во извештајот е исто така наведено дека до крајот на 1950 година имаше 1.000 ученици во училиштето, за потоа владата да одлучи да го намали бројот на стипендиите, а запишувањето на студентите го скрати на 500 ученици. Овој податок исто така дава јасна слика дека власта систематски сакала да ја потишти интелигенцијата која виреела во градот во годините на повоениот период како потоа полесно би се справила со реформите кои требале да бидат имплементирани до крајот на 1951 година.

На крај, но не последно би сакал да се заблагодарам на американскиот народ за овие девет документи и илјадниците други кои деновиве ни се достапни и ни даваат една поинкава слика за премрежјата со кои се соочувала Македонија и македонските граѓани низ историјата.

М-р Неџад Мехмедовиќ, политиколог за МКД.мк

(Извори: Документи на ЦИА за Македонија [01.03.1949; 17.08.1951; 27.10.1951; 28.11.1951; 29.11.1951;  30.11.1951;  01.12.1951;  13.12.1951;  06.06.1952)

Извор: Курир




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.