Цели 50 години прилепчанец свири на кавал: Инструментот го прошетал насекаде, а вели дека ќе свири додека мрда и дише

Митре Ушкоски е пензионер. Ја тера 66-та година. Бидејќи умее да свири кавал, член е на оркестарот на КУД ,,Пенка Котеска,,. Инструментот е поредок покрај, гајдата, тапанот, кемането, зурлата… Ама нему му е ,,легнат на душата,, половина век.

Некогашниот градежник потекнува од најодалеченото село во Мариово, Врбско. Селото веќе е испустено. Нема жив човек. Не постои, освен трошните камени куќи кои повеќе се дувло на змии и гуштери. Некогашните огништа се жртви на забот на времето, троскотот… Сé живо заминало низ земјава и странство, оти немало пристапен пат. Единствени посетители сега се ловџиите и риболовците, кои успеваат да ја совладаат дивината со теренски возила.

-Селото е покрај Црна Река. Тоа е мојата родна грутка. Имаше ,,смиква,, превозно средство преку реката. Тој што немаше страв и што беше смел, можеше со рацете да се турка на ,,смиквата,, и да ја премине реката до другиот брег, од другата страна на Мариово, кај што сега е напуштеното село Гуѓаково – вели кавалџијата, потсетувајќи се на детството и младоста.

Инструментот го ,,рашетал,, насекаде.

-Кавалот од мал ми беше голем мерак. Како козар или говедар, покрај Црна Река, сам правев свирчиња од бозел и кавалчиња од врба и свирев. Самоук кавалџија сум. Сум направил десетици. И сум купил. Треба да се погоди дрвото. Мајсторот да е умешен, да го направи да дава милозвучна мелодија. Тука има полно марифети, како што има да се свири и да се ,,влезе,, во хармонија со другите инструменти во оркестарот. Каде не сум свирел со кавалот. Секаде каде што гостувало друштвото, па и на свадби, веселби… Важно е да знаеш да ги следиш првите инструменти гајдата, тапанот, или пак зависно од мелодијата, мојот кавал – кажува Ушкоски.

И кога се отселил од мариово во Прилеп да работи градежен работник не ја заборавил вештината на дувањето и менувањето на прстите на дупките на кавалот кој дава милозвучна мелодија. Покрај свирката, создал мала домашна колекција од неколку инструменти кавали, кои го потестуваат на различни момент и настани. Во збирката има и српски шупелки.

-Свирам народни песни со богат, раскошен, фолклор. Не сум пробал забавно во група со модерниве. Кавалот ми го отвора срцето. Едноставниот инструментот не е лесно да се совлада. Затоа се изучува на факултетите за музика. Се трудам да бидам добар. Со оркестарот свирам повеќе од 10 години. Еднаш неделно вежбаме со пејачката група ,,Пенка Котеска,,,. Со нив бев и во Словенија на Фестивалот. Свирев и во Израел додека се одморав по работното време – вели Ушкоски.

Вели дека неговиот кавал нема да го фати пајажина во некој долап дома, туку ќе го дува, ќе ,,се милува,, со кадифените акорди, додека мрда и дише.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.