Синоќа во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков„ основното општинско музичко училиште “Ордан Михајлоски – Оцка” го одржа традиционалниот новогодишен концерт. Учениците се претставија со дела од Шостакович, Брамс, Хајдн, Бизе, Моцарт, Равел, Грубер, Штраус, како и со велигденско оро – народен напев во изведба на учениците што ги изучуваат народните инструменти, а на концертот учество зедоа, и Хорот и Оркестарот на училиштето.
– Прилеп отсекогаш бил вистински расадник на музички таленти, а од основното општинско музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка„ излегле врвни мајстори на разни музички инструменти и израснале вистински солисти. Локалната самоуправа за подобрување на условите за работа во основното општинско музичко училиште изврши комплетна реконструкција на зградата каде што се одржува наставниот процес и помогна во купување на пијано за потребите на училиштето. Повторно, во иднина ќе инвестираме во ова училиште, во набавка, пред се, на нови инструменти за подобрување на квалитетот на едукација на учениците – рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески .
Новогодишниот музички концерт на ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка„ традиционално се одржува повеќе години, како завршен дел од годината која изминува. Втора година по ред, новогодишниот концер на основното општинско музичко училиште има и хуманитарен карактер. Минатата година собраните средства од продадените влезници, беа наменети за набавка на пијано, а овогодинешните ќе бидат наменети за децата од Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ – Прилеп.