Хрватска денеска гласа на вториот круг од претседателските избори. Хрватите избираат помеѓу Зоран Милановиќ и актуелната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ.
Кандидатот на социјалистите, Милановиќ, попладнево бил вербално нападнат пред неговото избирачко место.
Додека излегувал од избирачкото место, еден човек вербално го нападнал.
“Не може никој да ме тргне, “комуњарата” да ме тргне? Ве лаже сите господа. Тој е комуниста, комуњара. Еве ви го, ве лаже вас, на крајот се откри дека е “комуњар”. Гласајте го, гласајте го”, викаше налутениот човек.
Милановиќ му пристапи и се обиде да му пружи рака, на што овој извика: “Мене ми даваш рака, а на претседателката не сакаше”. Милановиќ на тоа прокоментира дека ќе викне полиција.
“Ова не е случајно, ова е испратено, но е доцна. Вакви хулигани не можат да ме запрат. Важно е баш секој да излезе на изборите. Овие избори не се пресметка”, рече Милановиќ во изјавата за медиумите после инцидентот.