На 25 март 2017 година околу 8:00 часот при вршење на царинска контрола на граничниот премин Табановце на излез од Република Македонија Царинските инспектори од Одделението за оперативни работи селектирале за контрола патнички автобус со македонски регистарски ознаки кој се обраќал на редовна линија Гостивар-Женева. При прегледот на автобусот, вклучено било и царинско куче кое реагирало на една од патните торби сместени во просторот за багаж. По отворањето на торбата пронајдени биле 15 опаковки со различна големина исполнети со марихуана со вкупна тежина од околу 10,5 килограми. Ниту еден од патниците во автобусот не се пријавил како сопственик на патната торба.
Дрогата и лицето – возачот на автобусот, се предадени на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги, а од спроведената преткривична постапка постои основано сомнение дека во шверцот со дрога покрај возачот се инволвирани уште две други лица државјани на Република Македонија. Марихуаната требала да биде пренесена во градот Хановер во Германија.
Предистражната постапка е се уште во тек и се прибираат други докази. Царинската управа поднесе кривична пријава против осомничените лица до надлежното јавно обвинителство, поради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.
Покрај ова, во текот на минатата недела царинските службеници открија две измами и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани електроматеријали, автоделови, вакумирано сирење, кафе, вештачко ѓубриво, очила за сонце и фалсификати. Задржани се следните производи:
Електроматеријали и автоделови
– 309 парчиња електроматеријали (конектори, метални куќишта за конектори, автоматски осигурувачи, тајмери, сензори, гребенасти прекинувачи и друго) и 47 автоделови (амортизери за багажник, филтри за воздух, клипови со хилзни, дискови и гуртни за кочници и друго), откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во повеќе картонски кутии сместени во приколката, помеѓу легално пријавената стока, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Сирење и кафе
– 90 килограми вакумирано сирење filakis и 10 килограми кафе tsetlidis, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во три куфери сместени во просторот за багаж и два куфери сместени позади предните седишта, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Вештачко ѓубриво
– 40 литри вештачко течно ѓубриво од разнии типови (KUSHIE KUSH, HAMMER HEAD, ANCIENT EARTH, IGUANA, SENSI GROW и други), откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените ѓубрива, пронајдени на задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена прекршочна пријава.
Очила за сонце
– 608 пара очила за сонце, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле тројца македонски државјани. Возачот изјавил дека носи 1.000 пара наочари за сонце, кои сакал да ги царини на граничниот премин, за што му било посочено дека, согласно законските прописи, производите треба да ги оцарини во царинската испостава за стоков промет. Потоа било пристапено кон детална контрола на возилото, при што, под капакот на моторот, под тапацирот на багажникот и под патосницата пред совозачкото седиште, биле пронајдени уште 608 пара очила, кои возачот не ги пријавил. Непријавените очила се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка. Покрај тоа, поради сомневање дека очилата претставуваат фалсификати на заштитени трговски марки, ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 294.600 парчиња тврди компресирани бонбони и чоколадни бомбони со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Скопје, пријавен за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Вредноста на сомнителните производи е проценета на околу 6,5 милиони денари, доколку се продаваат како оригинали.
– 112 маици со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на наплатната рампа Петровец. Пазарната вредност на сомнителните производи е проценета на околу 336 илјади денари, доколку би се продавале како оригинални.
Во двата случаи, сомнителните производи се привремено задржани и, согласно законските прописи, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Измама
Во царинска испостава Струга е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.
Увозник од Охрид пријавил за увозно царинење техничка стока, декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното распоредување на производите според царинската тарифа, земени се мостри и испратени на анализа во Царинската лабораторија. Извршената анализа покажала дека производите треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 210 илјади денари, а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок.
На граничниот премин Делчево е откриен случај на пуштање на стока во слободен промет без претходно да биде ставена во пропишана царинска процедура. При контрола на документите приложени од страна на бугарски државјанин, возач на бугарски камион, натоварен со ќерамиди од извозник од Македонија, пријавен за излез од државата, во разговор со возачот, царинскиот службеник утврдил дека претходно камионот влегол на територијата на Република Макеоднија преку граничниот премин Деве Баир, натоварен со арматурно железо, наменето за фирма од Велес. На барање на царинскиот службеник да покаже доказ дека транзитната постапка од граничната царинска испостава ја затворил во внатрешна царинска испостава и дека стоката увозно ја оцаринил, возачот одговорил дека стоката ја однел директно кај увозникот каде ја истоварил. На тој начин е сторен царински прекршок, поради што против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.