(ФОТО) Прилеп е расадник на фудбалски таленти: Дечките од “Евро Гол” Прилеп го кренаа шампионскиот пехар во Србија, најдобри меѓу 64 екипи од цела екс ЈУ!

Од 18 до 21.04. во Златибор, Р. Србија, се одржа еден од најголемите фудбалски турнир во поранешна Југославија, 14-от по ред “ЧИН ЧИН” КУП, на кој учество зедоа над 500 екипи.

Таму беа и дечките од фудбалската школа “ЕВРО ГОЛ” од Прилеп, од каде учествуваа четири генерации (2011, 2012, 2014 и 2015).

Сите генерации одиграа маестрално, а овие натпревари за дечките се огромно искуство. Посебно задоволство имаа дечињата родени во 2015 година, кои играа против екипата на Партизан од Белград.

Генерацијата 2014 ги помина групите со две победи и еден нерешен резултат, а особено интересен беше натпреварот против ОФК Београд, со кого нашите деца одиграа нерешено.

Од клубот најмногу жалат за шансата која ја имаа дечките од генерацијата 2011, кои загубија од шампионот на турнирот во таа генерација, иако два пати водеа, и тоа до 4 минути пред крајот на натпреварот. Сепак, противникот имаше повеќе среќа на крајот и со 2 постигнати погодоци направи пресврт.

Најголемиот успех го имаше генерацијата 2012, кои го подигнаа шампионскиот пехар во конкуренција на 64 екипи од целиот Балкан и пошироко.

Дечките на патот до тронот стигнаа преку 7 победи и еден нерешен резултат.

“Во ниту еден момент не бевме доведени во ситуација да стравуваме на натпреварите, затоа што во сите натпревари доминиравме убедливо над противниците. Посебно задоволство кое треба да го истакнеме е тоа што, нашите двајца најдобри фудбалери, Јаков Ристески и Берат Фејзулаху, беа забележани од организаторот на турнирот, и беа прогласени за најдобар играч на турнирот, односно за најперспективен играч во генерацијата. Но, сепак овој успех немаше да биде ваков, доколку и останатите фудбалери немаа свој максимален допринос. Овој трофеј треба да ни биде дополнителен поттик за понатамошен развој, како на нашиот клуб, така и на нашите прекрасни фудбалерчиња. Нема да застанеме овде, ќе чекориме уште похрабро и уште подобро, за да го оправдаме епитетот најдобри. Oва е уште еден доказ дека во Прилеп има таленти и фудбалери на кои што треба да се обрне внимание, да им се створат услови за работа, и резултатите сигурно нема да изостанат”, истакна тренерот Николче Здравески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.