После долго чекање и административни лавиринти, денеска свечено пуштена во употреба беше новата детска градинка “Бајка”, која се наоѓа во населбата “Точила” во Прилеп. Станува збор за современ и функционален објект кој е дел од Јавната општинска установа „Детски градинки – Наша Иднина“ и ќе згрижи над 200 деца.
На отварањето на овој капитален објект, кој треба значително да го намали проблемот со згрижување на деца од претшколска возраст во Прилеп, градоначалникот на општината, Борче Јовчески рече:
-Овој капитален проект, со капацитет за над 200 дечиња, е од непроценливо значење за младите семејства во нашиот град. Со неговото пуштање во употреба, конечно ставаме крај на деценискиот проблем со листите на чекање и обезбедуваме топол, безбеден и стимулирачки простор за најмладите прилепчани. Кога оваа Локална самоуправа го презеде мандатот, градинката постоеше само како карабина од еден спрат, недовршена и нефункционална. Со посветена работа, денес пред нас имаме целосно завршен, опремен и функционален објект, во кој вложивме 133 милиони денари – средства целосно обезбедени од општинскиот буџет. Притоа, направивме доработка и адаптација на проектот – дополнителна изградба на трафостаница, изградба на ограден ѕид за безбедност, набавка на современи реквизити за игра и развој, како и целосно опремување на просториите според највисоки стандарди за предучилишна грижа и едукација.
Оваа градинка не е само објект – таа е симбол на нашата посветеност кон децата, семејствата и иднината на Прилеп. Затоа, сакам од срце да изразам благодарност до сите што несебично придонесоа за реализација на овој процес. Отворањето на „Бајка“ е само дел од пошироката стратегија за развој на детската заштита, образованието и квалитетот на живот во Прилеп. Во периодот што следи, граѓаните ќе видат нова градежна офанзива – нови капитални проекти, нови инвестиции, подобра инфраструктура и поголема грижа за сите генерации. Од денес, оваа зграда ќе биде исполнета со најубавиот звук – детскиот џагор. Радоста и безгрижната игра на децата ќе бидат најголемата потврда дека вредеше секој вложен ден, секој денар и целиот труд. Ви благодарам за довербата и поддршката. Продолжуваме заедно– за Прилеп каков што заслужуваме сите.