(Фото) Заврши реконструкцијата на Полициската станица во Прилеп

„Преземените и реализирани градежни работи вредни околу 35 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на МВР не само што генерално ќе ги подобрат условите за секојдневно работење на нашите колеги при Одделението за внатрешни работи Прилеп, туку истовремено се и предуслов за очекувано и натамошно подобрување на ефикасноста на полициските служби, дотолку повеќе што со извршените работи и просторно, не само инфраструктурно, се решаваат наследените проблеми преку обезбедување на нов простор за дел од службите при ОВР Прилеп“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при неговата денешна работна посета на ОВР Прилеп во присуство на дел од раководството на МВР.

Во рамки на денешнава посета Спасовски оствари работна средба и со раководството на оваа организациона единица на која што стана збор за актуелни теми што ги засегаат граѓаните , по што присутните извршија увид во завршените градежни работи на објектот на ОВР Прилеп.

Безбедносната состојба на подрачјето на ОВР Прилеп од областа на криминалитетот, јавниот ред и мир и сообраќајот за 2021 година беше оценета како релативно добра и стабилна. Состојбата прикажана со статистички податоци на ниво на ОВР Прилеп во поглед на криминалитетот заклучно со ноември 2021 година, споредбено со 2020 година, бележи намалување од околу 30 проценти.

Министерот Спасовски изразувајќи задоволство од постигнатите резултати во работата на ОВР Прилеп потенцираше дека позитивните статистики дополнително мотивираат да се продолжи со активностите врз основ на однапред утврден динамички план за работа, со цел инвестирање во подобрување на општата инфраструктурна кондиција на сите оние објекти за кои што е оценето дека е неопходна реконструкција или санација, а за кои изведбата би била извршена согласно меѓународно прифатените стандарди како на ниво на градежно изведување така и на ниво на техничко-професионални стандарди.

Покрај ова министерот Спасовски информираше дека во моментов се работи на седум објекти во разни организациони единици низ државата и тоа: ОВР Делчево, ОВР Берово, ОВР Радовиш, ОВР Свети Николе , ЕВР Карпош, ЕВР Гази Баба и објектот на Одделот за заштита на определени личности и објекти, за што од буџетот на Министерството се издвоени околу 82 милиони денари.

„Дозволете ми да потенцирам дека изминативе неколку години, преку низа конкретни, мерливи и проверливи активности, вклучително и во овој сегмент успеавме – не само да се поместиме од нулта точка, туку и преку континуираната ангажираност да докажеме дека и тоа како може со сопствени сили и со сопствени средства да се креираат и воспостават квалитетни претпоставки, како во поглед на натамошно подобрување на материјално-техничката состојба во којашто работат полициски службеници, така и во поглед на поквалитено остварување на нивните секојдневни работни обврски а во интерес на сите наши граѓани“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски ги брифираше новинарите и за безбедносната состојба во текот на новогодишната ноќ на територијата на државата, која помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Притоа, регистрирано е намалување на бројот на кривичните дела на територијата на цела држава, приведени се вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки. Во текот на новогодишната ноќ се случиле и седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.